Наставник од Битола цела година држел настава без да знае дека му престанал работниот однос

Наставникот Стефан Поповски тврди дека цела учебна година држел настава, внесувал оценки и водел е-дневник, без да знае дека му бил прекинат работниот однос.

Наставник по ликовно образование од Битола тврди дека цела учебна година одел на работа, држел часови, внесувал оценки и водел е-дневник, без да знае дека уште во јануари 2025 година формално му бил прекинат работниот однос.

Станува збор за Стефан Поповски, кој, како што објави порталот „Апла“, бил ангажиран во три училишта за да оформи полн фонд часови. Во подрачното училиште во Горно Оризари при ООУ „Тодор Ангелевски“ во Битола одржувал по четири наставни часа неделно.

Поповски тврди дека цело време редовно доаѓал на работа, учествувал во училишни активности, водел електронски дневник, се потпишувал на Наставнички совет и со ученици учествувал на натпревари и ликовни конкурси. Според неговото сведочење, никој не го информирал дека повеќе не е на платен список.

„Веќе два месеци си ја барам правдата, си ги барам одработените пари и стажот, но добивам пораки дека ако ова стигне во јавноста никогаш повеќе нема да работам во образование. Вчера крајно бев избркан од работа“, изјавил Поповски за „Апла“.

Тој наведува дека неодамна дознал оти училиштето престанало да му исплаќа плата и придонеси уште од 29 јануари 2025 година, иако, како што вели, продолжил нормално да држи часови.

„Имав пристап до е-дневникот, пишував оценки, одев на Наставнички совет, водев евиденција, сè како што прават редовно вработените наставници“, вели Поповски.

Според објавените информации, училиштето му доставило решение за престанок на работниот однос на кое нема негов потпис. Поповски тврди дека документот првпат го видел дури сега.

Тој веќе најавува постапка против училиштето, а за случајот е информирано и Основното јавно обвинителство Битола.

Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, соопшти дека дал налог до општинскиот инспектор за образование да ги провери наводите.

„Доколку се утврди дека се точни и вистинити, ќе покренам постапка за разрешување на директорката на училиштето“, објави Коњановски.

е-Трн да боцка во твојот инбокс