Што се случува со изгубениот куфер на аеродром? Од „изгубен багаж“ до бизнис вреден милиони

Илјадници куфери годишно никогаш не стигнуваат назад до своите сопственици. По истекот на роковите за чување, дел од нив завршуваат на аукции, во продавници или повторно на пазарот – понекогаш со содржината сè уште внатре.

Сте се запрашале ли што се случува со куферот ако никогаш не се појавите да го подигнете? Изгубениот багаж обично го замислуваме како привремено исчезната торба која по неколку дена сепак ќе се врати кај сопственикот. Но, што се случува кога потрагата ќе заврши без резултат, а сопственикот никогаш нема да биде пронајден?

Тогаш куферот може да добие сосема нов живот – како предмет на аукција, како дел од бизнис или дури како „изненадување“ за купувач кој нема поим што има внатре. Од Лондон до Минхен, изгубениот багаж создаде необичен секундарен пазар во кој љубопитноста има цена. Куфери што се продаваат затворени

Во август 2025 година, новинарката на „Гардијан“, Ема Расел, учествувала на аукција организирана од аукциската куќа „Greasby’s“. На продажба биле десетици куфери кои никогаш не биле преземени од нивните сопственици. Правилото било едноставно: куферите се продаваат затворени, а купувачот нема право да ја види содржината пред да ја заврши трансакцијата.

Расел купила четири куфери за вкупно околу 117 евра. Дури откако парите биле уплатени, можела да ги отвори. Меѓу куферите имало голема црна патна торба, син куфер со компас на рачката, тежок жолт куфер на тркала и помал модел кој потсетувал на „Луј Витон“.

Аукциската куќа потврдува дека редовно презема непобаран багаж од лондонските аеродроми. Така се создава необичен вид трговија – купувачот плаќа за нешто што не го видел и не знае што точно купува.

„Коцкање со куфери“

Според податоците на компанијата SITA, во 2025 година речиси 24 милиони парчиња багаж ширум светот биле класифицирани како доцнети, изгубени, оштетени или со украдена содржина. Управувањето со овој проблем ја чинело авиоиндустријата околу 5,56 милијарди евра. Во сумата се вклучени трошоците за пронаоѓање, обработка и враќање на багажот, како и компензациите за патниците.

Сепак, огромен дел од багажот на крајот се враќа кај сопствениците. Вистинскиот проблем започнува кога сите обиди за пронаоѓање ќе пропаднат. Во Велика Британија, откако ќе се исцрпат процедурите за пребарување и ќе истече законскиот рок за чување, непобараниот багаж може да заврши на аукција.

Во „Greasby’s“ месечно пристигнуваат меѓу 70 и 80 куфери. Купувачите најчесто можат да ја видат само надворешноста – големината, состојбата, брендот и тежината. Што има внатре, останува мистерија.

Токму затоа овој феномен го доби името „suitcase gambling“ – или „коцкање со куфери“. За купувачите тоа е комбинација од евтина набавка, возбуда и љубопитност за туѓите, непознати приказни. Што прават европските аеродроми со заборавените работи?

Важно е да се направи разлика меѓу багаж што авиокомпанијата го изгубила и предмет што патникот самиот го заборавил на аеродром. Ако чекираниот багаж не стигне на лентата, одговорноста е на авиокомпанијата. Но, ако патникот заборави телефон, лаптоп или торба во терминалот, предметот влегува во системот за изгубени предмети.

На лондонскиот „Хитроу“, таквите предмети се чуваат три месеци. По истекот на рокот може да бидат продадени по најдобрата можна цена или, доколку се безвредни, да бидат уништени.

Сличен принцип се применува и на аеродромот во Франкфурт, каде изгубените предмети се чуваат три месеци. Причината е практична: големите меѓународни аеродроми не можат неограничено да чуваат илјадници предмети што никој не ги побарал. Во Минхен, рокот е уште подолг. Изгубените предмети се чуваат најмалку шест месеци. По истекот на тој период, оние што останале непобарани стануваат сопственост на компанијата „Flughafen München GmbH“ и можат да бидат понудени на јавна аукција.

На аукција во јули 2026 година, во Карлсфелд, се нашле накит, скапи часовници, камери, конзоли за игри и таканаречени „куфери-изненадување“. Купувачите можеле да го видат само куферот и да погодуваат што се крие во него пред да понудат цена. Во Амстердам, пак, на аеродромот „Схипхол“, предметите со мала вредност по три месеци може да бидат продадени, донирани или уништени. Повредните предмети се чуваат подолго.

А понекогаш и вредноста на предметот се менува со времето. Телефонот кој денес е изгубен предмет, по неколку месеци може да стане стока што се продава. Кога туѓиот куфер станува бизнис. На виенскиот аеродром непобараните предмети исто така можат да завршат на аукција. На една од аукциите организирани преку платформата „AURENA“, продажбата на заборавени предмети донела околу 22.000 евра.

Меѓу нив имало музички инструменти, инвалидски колички, електроника и различни секојдневни предмети. Приходот бил наменет за добротворни цели.Во САД постои уште поразвиен модел. Компанијата „Unclaimed Baggage“ од Алабама откупува непобаран багаж, го отвора, го сортира, ги чисти предметите што можат повторно да се употребат и ги продава.

Нејзината продавница со текот на годините станала и туристичка атракција. Во неа може да се најде речиси сè – од облека и книги до скапа фотографска опрема. Од личен предмет до пазарна стока. Најнеобичниот дел од целата приказна е начинот на кој се менува статусот на предметите.

Куфер што некогаш бил полн со облека, подароци, полначи и лични работи, во еден момент престанува да биде нечии лични работи и станува стока. Економската вредност не мора да произлегува од тоа што предметот станал повреден. Понекогаш вредноста се појавува едноставно затоа што предметот останал без сопственик.

За еден патник тоа е изгубен дел од животот. За аеродромот предмет што мора да биде складиран, обработен и на крајот отстранет. За купувачот на аукција можност да добие нешто вредно за малку пари.

А за пазарот – уште една можност да се заработи од човечката заборавност.Затоа следниот пат кога ќе застанете пред лентата за багаж и ќе чекате да се појави вашиот куфер, можеби вреди да се сетите: зад секој куфер што исчезнува постои приказна. А понекогаш, кога приказната ќе заврши без својот сопственик, започнува сосема нова на аукција.

е-Трн да боцка во твојот инбокс