Екофеминизам: Истиот систем кој ја деградира природата, ги деградира и жените

Екофеминизмот тргнува од едноставна но радикална опсервација: системите кои ги обезвреднуваат жените и системите кои ја уништуваат планетата се изградени од ист светоглед.

Климатската криза и родовата нееднаквост изгледаат како две одделни теми за два одделни активизми. Екофеминизмот тврди дека тоа е илузија. Дека патријархатот и екстрактивизмот не се паралелни системи, туку ист систем со две лица. И дека не можеш целосно да ја разбереш едната криза без да ја погледнеш другата.

Откаде доаѓа идејата

Терминот екофеминизам го сковала француската филозофка Франсоаз д’Обон во 1974 година, во нејзината книга „Le Féminisme ou la Mort”, феминизам или смрт. Нејзината теза била директна: уништувањето на природата и потчинувањето на жените не се случајни паралели, туку производи на ист систем на размислување кој одредени тела, одредени земји и одредена грижа ги третира како ресурси за бесконечна експлоатација.

Идејата брзо ги надминала академски кругови. Во осумдесеттите и деведесеттите, екофеминизмот станал практичен активизам, жените кои ги бранат шумите во Индија со своите тела, движењата против нуклеарно оружје, борбите против индустриско земјоделство… Теоријата на Франсоаз добила лице и адреса.

Патријархатот учи да се екстрахира

Централната теза на екофеминизмот може да се сведе на една реченица: патријархатот го научил светот да ги третира земјата, трудот, грижата и природата како нешта од кои може бесконечно да се зема.

Оваа логика на екстракција функционира на неколку нивоа истовремено. Природата се третира како складиште на ресурси без граници. Женскиот труд, особено неплатената грижа за деца, болни и стари, се третира како природна датост, нешто што едноставно постои, без вредност и без надомест. Земјоделките во земјите во развој, кои произведуваат поголем дел од локалната храна, се меѓу последните кои добиваат пристап до земјиште, кредити и технологија.

Истиот светоглед, различни жртви.

Климатската криза не е родово неутрална

Климатските промени не ги погодуваат сите подеднакво. Жените, особено во земјите на Глобалниот Југ, се несразмерно изложени на последиците: тие се оние кои одат по вода кога изворите пресушуваат, кои ги напуштаат домовите при поплави, кои се грижат за семејствата во климатски мигриции.

Студиите на ОН постојано покажуваат дека во природни катастрофи предизвикани или засилени од климатските промени, жените умираат во поголем процент. Причина: ограничен пристап до информации, мобилност и ресурси, директна последица на структурните нееднаквости.

Тоа значи дека климатската политика која не ја интегрира родовата перспектива не само е нецелосна, туку е неефикасна.

Неплатениот труд и планетата

Постои уште една врска која екофеминизмот ја именува јасно: економскиот систем кој ја уништува планетата е ист оној кој го прави невидлив неплатениот труд.

Глобалната економија функционира врз претпоставката дека постои бесплатна природа која апсорбира отпад и бесплатна грижа која ги одржува луѓето функционални. И природата и грижата се третираат како надворешни на пазарот, иако и двете се суштински за неговото постоење.

Според истражувањата на МОТ, неплатениот труд на грижа, кој во огромна мерка го вршат жените, е вреден над 10 трилиони долари годишно на глобално ниво. Тој труд не се брои во БДП. Природата која го апсорбира јаглеродот, ги прочистува водите и го одржува биодиверзитетот исто така не се брои во БДП. Двете се невидливи за системот кој зависи од нив.

Прехранбените системи: Уште еден заеднички именител

Глобалниот прехранбен систем е уште едно место каде двете кризи се пресекуваат. Индустриското земјоделство е меѓу главните причинители на климатските промени, со масовно уништување на почвата, шумите и биодиверзитетот. Истовремено, тоа е систем кој историски ги маргинализирал малите земјоделки, ги потиснувал традиционалните знаења за земјата и ги заменил со монокултури и корпоративни семиња.

Жените кои со векови ги одгледувале локалните сорти, кои знаеле кога да сеат и кога да чекаат, кои ги чувале семињата и знаењата, беа систематски исклучувани од формалните земјоделски системи. Резултатот е и поголема родова нееднаквост и посиромашна биодиверзитетна основа.

Не теорија, туку алатка

Екофеминизмот денес не е само академска дисциплина. Тој е практична алатка за разбирање зошто разговорите за климатскиот колапс, неплатениот труд, прехранбените системи и преживувањето се длабоко поврзани.

Не можеш да разговараш за климатска правда без да разговараш за родова правда. Не можеш да бараш одржливост без да прашаш кој ја сноси цената на неодржливоста. И не можеш да замислиш поинаков однос кон планетата без да замислиш поинаков однос кон оние кои неа ја одржуваат.

Патријархатот научил да земa. Екофеминизмот предлага да научиме да грижиме.

е-Трн да боцка во твојот инбокс