Во новата епизода на РеТрн ДУО ни гостуваат Наум Ѓорѓиески и Димитар Паскоски – двајца млади актери, двајца прилепчани.
Турските серии и пародиите се нивен терен, но како ќе се снајдат како актери во јужнокорејски филм? Наум и Димитар влегуваат во нови улоги, а во оваа актерска авантура им се приклучува и Дениз. Како изгледа кога тројцата ќе се најдат во сцена полна со драма, интриги и малку повеќе корејски отколку што очекувате – погледнете во новата епизода на РеТрн ДУО.
И двајцата се родени во 2002 година, завршуваат во гимназијата „Мирче Ацев“ во Прилеп, а потоа патот ги носи на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Студираат во класата на Сузана Киранџиска и Кристина Леловац, а дипломираат во 2026 година со претставата „Тука ќе ни биде крајот.
Иако се само на почетокот, веќе имаат солидна листа на проекти зад себе. Наум е дел од „Трампи“, „Печалбари“, „Слуге“, „Горски Вијенац“ и „Вонземјани“, додека Димитар се појавува и во „Казабалкан“, „Триптихон за Еуридику“ и „Као Какао“.
Сепак, пошироката публика најмногу ги препознава по нивните пародии на турските серии. Со синхронизација, секојдневен хумор и ситуации што на сите ни се добро познати, тие создаваат видеа што брзо стигнуваат до публиката и уште побрзо се споделуваат.
Во разговорот со Дениз зборуваат за актерството, инспирацијата зад видеата, животот на младите актери денес и тоа дали популарноста на интернет е предност, притисок или по малку од двете.
Двајца актери. Два различни карактери. И еден добар муабет.