МВР изрече 59 казни за мотоциклисти и тротинети во Кочани и Виница

МВР санкционираше 59 возачи на мотоцикли и тротинети, одзеде три мотори и откри три кривични дела при акциска контрола низ Кочани и Виница.
Фото: Flickr/Tim Evanson

Вкупно 59 санкции изрече Министерството за внатрешни работи при акциска контрола на мотоциклисти и возачи на електрични тротинети во Кочани и Виница. Акцијата откри и три кривични дела, по што се приведени три лица, вклучително и еден малолетник за возење без возачка дозвола. Полицијата одзеде и три мотоцикли.

Најголемиот дел од прекршоците, вкупно 34, се однесуваат на управување мотоцикл без заштитна кацига. Дополнително, евидентирани се три санкции за возење без соодветна возачка категорија, една за возење под дејство на алкохол, како и казни за истечена регистрација и полиса за осигурување. Една санкција е изречена и на возач на електричен тротинет.

За време на петчасовната контрола, полицијата откри три кривични дела. Три лица се лишени од слобода. Меѓу приведените е и еден малолетник, осомничен за кривично дело управување моторно возило без возачка дозвола. Во акцијата се одземени и три мотоцикли.

Акциската контрола следува откако на 14 јули стапија на сила новите одредби од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата. Со овие измени се подигна старосната граница за возење електрични тротинети од 14 на 18 години. Максималната дозволена брзина за возење по велосипедска патека е намалена од 25 на 20 километри на час. Анализите на МВР покажуваат дека најголемиот број сообраќајни несреќи со тротинети се случуваат токму кај лица на возраст до 18 години.

е-Трн да боцка во твојот инбокс