Компанијата Џонсон и Џонсон (Johnson & Johnson) понуди исплата до 5,5 милијарди долари за да стави крај на десетици илјади тужби во Соединетите Американски Држави, во кои се тврди дека нејзината бебешка пудра и други производи што содржат талк предизвикуваат рак на јајниците.
Со предложената спогодба компанијата сака да ја затвори долгогодишната правна битка што со години го оптоварува фармацевтскиот гигант. Од Џонсон и Џонсон и натаму ги отфрлаат обвинувањата дека нивните производи на база на талк се канцерогени, нагласувајќи дека формулата на познатата бебешка пудра веќе е променета.
Потпретседателот задолжен за судски постапки, Ерик Хас, изјави дека обвинувањата се „неосновани“, но дека компанијата е подготвена на спогодба за конечно да го затвори случајот.
Предлогот опфаќа околу 69.000 преостанати тужби поврзани со производите што содржат талк. Според планот, компанијата следната година ќе исплати до 3 милијарди долари, додека дополнителните исплати се очекуваат по 2028 година. За спогодбата да стапи во сила, потребно е да ја прифатат адвокатските канцеларии кои застапуваат најмалку 95 проценти од тужителите во случаите за рак на јајниците.
Иако нуди спогодба, Џонсон и Џонсон тврди дека има силни аргументи на суд и дека во најголем дел од досегашните постапки пресудите биле во нејзина корист. Од компанијата велат дека договорот ќе ѝ овозможи да се фокусира на развој на лекови и медицински помагала.
Тужбите против компанијата започнаа уште во 2009 година, кога потрошувачи и нивните семејства почнаа да тврдат дека производите со талк биле загадени со азбест, познат канцероген материјал. Талкот е природен минерал кој често се наоѓа во близина на наслаги со азбест, што беше основа за голем дел од обвиненијата.
Во јули годинава федерален суд донесе пресуда во корист на компанијата, оценувајќи дека поединечните тужители тешко можат да докажат директна причинско-последична врска меѓу употребата на талкот и појавата на рак на јајниците.
Џонсон и Џонсон повеќепати соопшти дека бројни научни истражувања покажуваат дека талкот во нивните производи е безбеден, не содржи азбест и не предизвикува рак.
Компанијата во 2022 година престана да произведува и продава бебешка пудра на база на талк на глобално ниво и ја замени со производ направен од пченкарен скроб. Одговорноста за потрошувачките производи надвор од Северна Америка денес ја има компанијата Кенвју (Kenvue), која беше издвоена од Џонсон и Џонсон во 2022 година.