Кривична пријава против четири малолетнички за насилството врз девојче во Ѓорче Петров

МВР поднесе кривични пријави против четири малолетнички за насилство врз соученичка во Ѓорче Петров, а најавена е пријава и против родителите.

Кривични пријави се поднесени против четири малолетнички кои учествувале во насилството врз соученичка во основно училиште во Ѓорче Петров. Одговорност, според најавите на МВР, ќе сносат и нивните родители.

Од училиштето информираат дека на ученичките им е намалено поведението и им е изречен укор, додека малолетната жртва наставата ја следи од дома.

Од Министерството за внатрешни работи соопштија дека пријавените ученички се на возраст од 17 и 14 години.

„Единицата за внатрешни работи Ѓорче Петров до ОЈО Скопје поднесе кривична пријава против четири малолетнички – една 17-годишна и три 14-годишни – поради основи на сомнение дека извршиле две кривични дела ‘насилство’, предвидено и казниво по член 386 од Кривичниот законик. Во текот на утрешниот ден СВР Скопје ќе поднесе кривична пријава и против родителите на инволвираните малолетници“, соопштија од МВР.

Од Општина Ѓорче Петров информираат дека се искористени сите механизми што им се на располагање и дека се известени надлежните институции.

Од Министерството за образование и наука соопштија дека Државниот просветен инспекторат постапува по случајот. Дополнително, испратен е допис до градоначалниците и училиштата со препорака да се воведе дежурен наставник за време на одморите.

Немилиот настан се случил кон крајот на минатиот месец, кога малолетничката била изложена на физичко и психичко насилство од соученички. Случајот предизвика силни реакции во јавноста и повторно го отвори прашањето за безбедноста во училиштата, превенцијата од врсничко насилство и одговорноста на институциите, училиштата и родителите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни