Најава без лозинка: што се „passkeys“ и зошто не го испраќаат вашиот отпечаток на интернет?

Според официјалните упатства на „Гугл“, биометриските податоци од Passkey остануваат на уредот и не се споделуваат со компанијата

Наместо да паметите лозинка, го отклучувате телефонот со отпечаток, препознавање лице или ПИН и влегувате во својата сметка. Така изгледа најавувањето со „passkey“, односно дигитален клуч за пристап.

Оваа технологија овозможува најава без внесување класична лозинка на апликациите и страниците што ја поддржуваат. Клучот се чува на уредот или во соодветен менаџер за лозинки, кој може да го синхронизира и со други ваши уреди.

Но дали тоа значи дека страницата добива копија од вашиот отпечаток или скен од лицето?

Според официјалните упатства на „Гугл“, биометриските податоци остануваат на уредот и не се споделуваат со компанијата. Отпечатокот, лицето или ПИН-кодот служат за локално да го потврдат вашиот идентитет и да дозволат користење на дигиталниот клуч.

Една од главните предности е заштитата од лажни страници. Клучот е поврзан со конкретната апликација или веб-страница за која е создаден, па измамничка копија не може едноставно да го преземе како што може да се случи со внесена лозинка.

За да го користите, проверете ги безбедносните поставки на услугата и побарајте ја опцијата за создавање „passkey“. Не ја поддржуваат сите услуги, а чекорите зависат од уредот и апликацијата.

Важно е клучот да го создавате на сопствен уред што го контролирате. Ако некој друг може да го отклучи вашиот телефон или компјутер, тоа може да му овозможи и пристап до сметката. Затоа, едноставната најава и натаму бара добро заштитен уред.

е-Трн да боцка во твојот инбокс