На осмиот конкурс за книжевната награда „Пегаз“ пристигнаа 50 ракописи, соопштија организаторите. Наградата ја доделува издавачката куќа „Арс Ламина“ во соработка со Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“.
Конкурсот беше отворен на 2 септември 2025 година и траеше до 1 јуни 2026 година. Добитникот на наградата ќе биде објавен на 2 септември 2026 година.
Во конкуренција се необјавени романи за возрасни, напишани на македонски јазик и со кирилско писмо. Ракописите ќе ги оценува тричлена жири-комисија, составена од двајца реномирани културни работници и еден претставник на издавачката куќа. Составот на жирито ќе биде објавен при прогласувањето на победникот.
Наградата „Пегаз“ е откупна и се состои од паричен износ од 90.000 денари, статуетка и објавување на победничкиот роман во посебна едиција.
„Пегаз“ е востановена во 2019 година, со цел да открива квалитетни романескни ракописи и да го поттикне развојот на романот во современата македонска книжевност. Наградата е замислена како продолжување на книжевната линија што ја отвора „Роман на годината“, награда што Фондацијата „Славко Јаневски“ ја доделува за најдобар веќе објавен роман.
Досегашни добитници на „Пегаз“ се „Насон прочитана книга“ од Соња Манџук, „Мртвите знаат најдобро“ од Владо Јаневски, „Лазарка“ од Љупчо Петрески, „Хотел меѓу две војни“ од Александар Русјаков, „Зелениот дворец“ од Сибо, „Риба во(н) мрежа“ од Јована Матевска-Атанасова, „Ехото на акробатите“ од Владимир Јанковски и „Кривата Дијана“ од Фросина Пармаковска.
На претходните конкурси, од 2019 до 2025 година, пристигнале вкупно 357 ракописи, што ја потврдува наградата како една од важните платформи за откривање нови романескни гласови во македонската книжевност.