Токму денес, на денот кога Македонија го одбележува роденденот на Горан Стефановски, Драмски театар Скопје соопшти дека наградата која го носи неговото име, нема да биде доделена втора година по ред.
На конкурсот за најдобар драмски текст од млад автор до 30 години биле доставени само три дела. Комисијата во состав Викторија Рангелова-Петровска, Жанина Мирчевска, Венко Андоновски, Дејан Лилиќ и Димче Николовски, едногласно одлучила дека ниту едно не го достигнува потребното ниво. Во образложението се нагласува дека доставените текстови имаат потенцијал, но остануваат на ниво на драмски скици: со еднодимензионални карактери, слабо развиена структура и дијалози кои се или премногу реторични или премногу банални.
Одлуката е принципиелна и намерна. Комисијата јасно ставила до знаење дека единствениот критериум за оваа награда е и мора да биде квалитетот a не бројот на пријавени, не добрата волја, не потенцијалот. Само квалитетот. Според соопштението, директорот на театарот Роберт Вељановски, целосно застанал зад таквиот став.
Сепак, свесна дека малиот број на пријавени текстови е исто така загрижувачки сигнал, Комисијата предложила и можни измени во правилникот: да се зголеми или целосно отстрани возрасната граница, или пак наградата да прерасне во поддршка за развој на драмски текст со негова сценска реализација.
Тоа е всушност и суштината на дилемата: дали да се спушти летвата за да се охрабри младата драматургија, или да се задржи висока во чест на она по кого наградата е именувана.
Горан Стефановски e роден на 27 април 1952 во Битола, а почина на 27 ноември 2018 година во Кантербери. Автор е на „Диво месо”, „Лет во место”, „Тетовирани души”, „Демонот од Дебар маало” и многу други дела кои го дефинираа македонскиот театар во втората половина на 20 век. Професор, драматург, човек кој пишуваше за малите луѓе со голем јазик и уште поголема болка.
Дека неговото име денес стои над конкурс за млади автори е сосема природно. Дека тој конкурс втор пат останува без добитник, е можеби и најдобриот показател колку е тешко да се пишува на ниво достојно за тоа име.