Осум години минаа од денот кога македонската драматургија изгуби еден од своите највисоки гласови. Горан Стефановски почина на 27 ноември 2018 година во Кантербери, Обединето Кралство, но она што го остави зад себе; неговите драмски текстови, неговите реченици, неговата визија за театарот и за светот, продолжува да живее со полна сила. Осум години подоцна, прашањето не е дали ги паметиме неговите дела, туку дали сме ги разбрале доволно добро.
Битола, Скопје, светот
Горан Стефановски е роден на 27 април 1952 година во Битола. lДенеска, токму на денот кога треба да прослави 74 години, Македонија се сеќава на него не само со носталгија, туку и со длабока почит кон она што го создал. Завршил Филолошки факултет во Скопје, англиски јазик и книжевност, а потоа студирал драматургија на театарската академија на Универзитетот во Белград, каде магистрирал на тема посветена на сценските напатствија кај Семјуел Бекет. Тоа влијание на Бекет, тој осет за апсурдот на постоењето, за јазикот кој боли додека лечи, се чувствува низ целото негово творештво.
Работел во драмската редакција на Телевизија Скопје, а потоа од 1986 година бил професор по драматургија на Факултетот за драмска уметност во Скопје. Но Стефановски никогаш не бил само академска фигура. Тој бил автор кој живеел внатре во своите драми: со гнев, со хумор, со неизмерна љубов кон оние малите луѓе кои историјата постојано ги заборавала.
Делото: огледало на една нација
Автор е на култните драми „Диво месо”, „Лет во место”, „Јане Задрогаз”, „Дупло дно”, „Тетовирани души”, „Демонот од Дебар маало” и многу други. Беше еден од креаторите на популарната ТВ-серија „Бушава азбука” и автор е на неколку телевизиски драми.
Секоја од овие драми е посебен свет, а сепак сите зборуваат за едно исто – за нас. Преку трагедијата на едно семејство, Стефановски ни ја предава историјата на македонскиот народ, со сите свои болки и рани, со социјалните неправди, политичките разидувања, стремежот за подобро утре. Во тоа е неговата голема сила: да зборува за универзалното преку конкретното, за судбините на поединците преку кои се чита судбината на еден народ.
Добитник е на наградите „Стале Попов”, „11 октомври”, „Војдан Чернодрински” и „Стериина награда”. Стефановски беше и дописен член на МАНУ.
Ликовите кои не застаруваат
Во неговите драми се среќаваме со три вида ликови кои Стефановски со мајсторство ги моделираше. Луѓе-нелуѓе, предавници, кои се дел од историјата на овој народ. Оние кои во потрага по поудобен живот ги поддржуваат сите непријателски дејности, заслепени од „розовите приеми на буржоазијата” каде всушност и не припаѓаат.
Потоа доаѓаат оние кои се двоумат, кои изгубиле надеж. Оние потиснати во патријархални семејства во кои животот им е однапред скроен, со згаснати соништа создаваат некој свој свет. Ова се ликовите кои нè болат најмногу, зашто се најпрепознатливи и денес.
И на крај, револуционерите во секоја смисла на зборот, во чии размислувања има нешто прогресивно, чиј труд не е награден во драмите, но сепак мора да постојат, макар и со својот донкихотовски лет во место. Самото нивно постоење ни дава надеж дека не сме изгубени, дека сепак сеуште постоиме.
Репликите кои болат и денес
Две реченици од Стефановски денес се чинат поактуелни отколку кога биле напишани.
„Иднината никако да дојде, минатото никако да си отиде, а ние овде глумиме сегашност.” Оваа реченица ја изговара Цибра во „Тетовирани души”. Лик израснат на улица според законот на посилниот, кој сонува за кариера на народен трибун. Колку пати, гледајќи ја Македонија во последните децении, не сме се запрашале дали и ние, од политичари до граѓани, и целото општество, „глумиме сегашност” наместо да градиме подобра иднина? Оваа реплика е повеќе од театарска, таа со децении е дијагноза на ова општество.
Не помалку удара и: „Јас сум народот! Од денеска ќе се застапувам сам.” Оваа реченица ја изговара Јаков во „Дупло дно”, уметник и револуционер кој се крева против оние кои го просветлуваат народот, а не разликуваат ден од ноќ, против бирократијата од уметничка провениенција. Денес, кога популизмот е вирус кој зарази цел свет, оваа реплика звучи и страшно и смешно, токму онака како што умееше Стефановски да прави театар. Трагикомично, до коска.
Постои и уште една реплика, речена со горчина и без лага: „Не ме боли газот за народните права, ниту народот ги заслужува, ниту може да ги има, ниту ако ги добие ќе знае што да прави со нив.” Тоа го вели Киро во „Лет во место” , лик кој ги претставува предавниците, заслепените, оние кои го продаваат своето, но и оние во кои Стефановски, при крајот на драмата, сепак открива освестување, некаков вид признание дека носат љубов кон татковината во себе. Сфановски не беше циник, туку жесток романтичар кој веруваше дека и во најпаднатиот човек гори некоја жетва.
Дебар Маало и сеќавањето
Општина Центар ја продолжува традицијата на чествување на ликот и делото на Горан Стефановски преку културно-уметничка манифестација во Дебар Маало. Настанот, предводен од неговиот син Игор Стефановски, ги обединува уметниците и граѓаните во сеќавање на творештвото на еден од најзначајните македонски автори.
Изборот на Дебар Маало не е случаен. Овој дел од Скопје е длабоко поврзан со животот и инспирацијата на Стефановски. „Демонот од Дебар маало” не е само наслов на драма, тоа е метафора за духот на едно место, за меморијата на камените калдрми, за гласовите кои се чуваат во ѕидовите на старите куќи.
Програмата е конципирана мултидисциплинарно: хор, џез, актерски монолози кои ги оживуваат драмските текстови, ликовна изложба на портрети, како комбинација на жанрови која ја рефлектира комплексноста на самиот автор, чии дела честопати ги спојуваа традиционалните македонски мотиви со современите европски драмски текови.
Зошто го славиме Стефановски денес и секоја следна година?
Зашто неговите прашања не добиле одговор. Зашто неговите ликови сè уште одат по нашите улици. Зашто театарот кој го правеше Стефановски не беше украс, тукуј беше нужност, начин на разбирање на себе и на другите.
Осум години по неговата смрт, македонскиот театар го носи неговото наследство во сцени, во дикција, во начинот на кој глумците учат да бидат вистински луѓе пред публиката. А неговите реченици продолжуваат да бодат, точно онаму каде болката е неопходен за да се разбудиме.
„Иднината никако да дојде, минатото никако да си отиде, а ние овде глумиме сегашност.” Сè додека оваа реченица е вистинита, Горан Стефановски не е мртов. Тој само чека да ги отвориме книгите и да одиме во театар.