Над дваесет пожари на отворен простор избија денеска низ државата, а критична состојба се создаде во струмичкиот регион. Огнот кај селата Баница и Водоча брзо се прошири низ сувата трева и се закани на првиот ред селски куќи. Покрај струмичките противпожарни екипи, на помош пристигнаа и пожарникари од соседните градови, додека градежна механизација ископа противпожарни појаси за да го запре ширењето кон населените места.
Пожарот во атарот на селата Баница и Водоча изби околу пладне и брзо зафати голема површина рамничарски терен. За да се спречи навлегување на огнот во дворовите, локалните власти ангажираа трактори и булдожери кои прават заштитни пресеци во земјиштето.
Во гаснењето се вклучија противпожарни единици од Гевгелија, Валандово и Радовиш како испомош на струмичките колеги. Според извештаите од терен, нема изгорени куќи ниту повредени граѓани. Огнот зафатил еден помошен објект, а една повозрасна жена од превентивни причини била присилно евакуирана од нејзината викендица.
Низ земјава во моментов се активни најмалку единаесет пожари од вкупно дваесет регистрирани во текот на денот. Покрај Струмица, нови жаришта се отворија во скопско Студеничани кон планинското село Цветово, како и во тетовско Желино, каде што гори нискостеблеста шума во атарот на селото Церово.
„Паниката е наш најголем непријател. Бројот на пожари наредните денови дополнително ќе расте поради температурите кои достигнуваат 40 степени, а најсигурна заштита останува преорувањето на заштитни појаси околу објектите“, изјави директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов.
Пожари се пријавени и во кичевско Тајмиште, гостиварско Врапчиште, Маврово Ростуше, како и два нови пожари во прилепските села Мажучиште и Коњаре. Во Мариово ситуацијата е речиси целосно ставена под контрола, освен кракот кај селото Бонче каде што интервенираат тимови за брз одговор составени од доброволци од Битола, Кочани и Виница.