Епидемијата во Гостивар покажува знаци на смирување, откако бројот на новозаболени продолжува да опаѓа. Според најновите податоци, регистрирани се уште 109 нови случаи, со што вкупниот број заболени достигна 4.303 лица. Министерот за здравство Сашо Клековски изјави дека во последните четири дена дневно се евидентираат меѓу 80 и 125 нови пациенти, што, според него, укажува дека најтешката фаза од епидемијата е зад нив.
„Акутната фаза на епидемијата се смирува. Во договор со Комисијата за заразни болести преминуваме во фаза на засилен епидемиолошки надзор за навремено откривање на евентуални нови случаи и компликации“, изјави Клековски.
Здравствените власти најавија нови протоколи за Центарот за јавно здравје, болниците и матичните лекари, со посебен акцент на следење на евентуална појава на хепатитис А, хепатитис Е и други заразни заболувања кои можат да се појават по вакви епидемии.
Во однос на водоснабдувањето, препораките остануваат непроменети. Водата од градскиот водовод може да се користи за лична хигиена, но не се препорачува за пиење, подготовка на храна или миење овошје и зеленчук, сè додека надлежните институции не потврдат дека е целосно безбедна.
И покрај подобрувањето на состојбата, здравствените институции апелираат граѓаните и понатаму строго да ги почитуваат препораките за да се спречи повторно ширење на заразата.