Над 1,1 милион луѓе влегле во Грција преку Евзони од јуни, гужвите на границата сè поголеми

Само во периодот од 7 до 9 август, преку Евзони во Грција влегле околу 62.000 лица, а во спротивна насока биле регистрирани 55.000 излези

Повеќе од 1,1 милион патници од јуни досега влегле во Грција преку граничниот премин Евзони, покажуваат податоците објавени од грчката државна телевизија ЕРТ.

Во истиот период, земјата преку овој премин ја напуштиле околу 940.000 лица. Големиот број туристи во текот на летната сезона предизвикува сериозни сообраќајни метежи, а грчките медиуми во повеќе наврати известуваат за повеќечасовни чекања и километарски колони.

Само во периодот од 7 до 9 август, преку Евзони во Грција влегле околу 62.000 лица, додека во спротивна насока биле регистрирани 55.000 излези.

Податоците покажуваат дека и јули бил исклучително фреквентен месец. Тогаш преку преминот биле регистрирани 632.000 влезови и 554.000 излези. Во јуни, пак, во Грција преку Евзони влегле 468.000 лица, а ја напуштиле 387.000.

Зголемените гужви се причина за загриженост и кај туристичкиот сектор во северна Грција, особено во популарните дестинации Халкидики и Пиерија.

Од хотелскиот сектор предупредуваат дека долгото чекање на границата може негативно да влијае врз искуството на туристите и врз атрактивноста на регионот. Како можни решенија се предлагаат дополнителен персонал на граничните премини, отворање повеќе контролни пунктови и подобра координација меѓу соседните гранични служби.

Хотелиерите во Пиерија очекуваат август да биде со околу 80 отсто исполнетост и приходи слични на минатогодишните, додека од Халкидики оценуваат дека сезоната би можела да заврши со помал број туристички пристигнувања и пониски приходи во споредба со 2025 година.

Дополнителен фактор за успорувањето на сообраќајот е и новиот систем на ЕУ за биометриска регистрација (ЕЕС). На Евзони во периоди на особено зголемен сообраќај привремено се применува поедноставена процедура, при која регистрацијата се врши без земање отпечатоци и фотографирање, со цел да се забрза протокот на патници.

Со оглед на тоа што август е еден од најфреквентните месеци за патувања кон грчкото крајбрежје, се очекува засилен сообраќај на Евзони и во наредниот период.

е-Трн да боцка во твојот инбокс