На денешен ден Атина Бојаџи го преплива Ла Манш и испиша историја

Препливувањето на Бојаџи Ла Манш во 1969 годин станал и инспирација за југословенскиот филм „Исправи се, Делфина“

На 9 септември 1969 година, македонската маратонска пливачка Атина Бојаџи го оствари најголемиот подвиг во својата кариера – го преплива каналот Ла Манш, еден од најтешките и најопасните предизвици во светското пливање.

Бојаџи ја минала делницата од Франција до Англија за 13 часа и 20 минути. Со овој успех, тогаш 25-годишната охриѓанка станала првата жена од Југославија што го препливала Ла Манш, впишувајќи го своето име меѓу најголемите пливачки имиња од регионот.

Официјалната евиденција на пливачките премини преку каналот го води нејзиниот подвиг како успешно еднонасочно препливување од Франција кон Англија. Иако најкраткото растојание меѓу двата брега изнесува околу 34 километри, пливачите во практика минуваат значително подолга патека поради силните струи, брановите и променливите временски услови.

Препливувањето на Ла Манш бара исклучителна физичка и психичка подготвеност. Пливачите се соочуваат со студена вода, морски струи, замор и непредвидливо време, без можност да се одморат или да го допрат придружниот брод. Токму затоа успехот на Бојаџи се смета за еден од најголемите подвизи во историјата на македонскиот спорт.

Интересно е што точно десет години претходно, на 9 септември 1959 година, македонскиот пливач Нико Нестор, исто така од Охрид, станал првиот Македонец што го препливал Ла Манш. Така, истиот датум останал запишан двапати во историјата на македонското маратонско пливање.

„Охридскиот делфин“

Атина Бојаџи е родена на 13 март 1944 година во Охрид. Пливањето го започнала уште како дете, а веќе на 11-годишна возраст поставувала рекорди во слободен и делфин стил. Поради нејзината поврзаност со Охридското Езеро и извонредните способности во водата, јавноста ја нарекувала „Охридскиот делфин“.

На 18-годишна возраст триумфирала на Охридскиот пливачки маратон и станала една од најмладите победнички на ова престижно натпреварување. Истата година постигнала голем успех и на маратонот Капри–Неапол, по што се вброила меѓу најдобрите светски маратонски пливачки и во слатки и во солени води.

Нејзината храброст особено дошла до израз на опасниот маратон Саида–Бејрут. Од 23 натпреварувачи, до целта стигнале само Бојаџи и еден египетски пливач. За покажаната издржливост и храброст таа добила признание од тогашниот претседател на Либан.

Сепак, препливувањето на Ла Манш во 1969 година останува врвот на нејзината кариера. Подвигот подоцна станал инспирација за југословенскиот филм „Исправи се, Делфина“, во режија на Александар Ѓурчинов, со Неда Арнериќ во главната улога. Во создавањето на филмот учествувала и самата Бојаџи.

По завршувањето на активната пливачка кариера, таа работела како тренер, меѓу другото во Белград и во Лос Анџелес, пренесувајќи го своето знаење и искуство на новите генерации пливачи.

Атина Бојаџи почина на 28 декември 2010 година во Скопје, на 66-годишна возраст. Зад себе остави спортско наследство што и денес претставува симбол на истрајноста, храброста и силата на човечкиот дух.

Педесет и седум години по историското препливување, подвигот на „Охридскиот делфин“ останува една од најсветлите страници на македонскиот спорт и потсетување дека спортистка од бреговите на Охридското Езеро успеала да го совлада еден од најголемите предизвици на светските мориња.

е-Трн да боцка во твојот инбокс