До шеесеттите години на минатиот век, Преспа имала меѓу петсто и илјада хектари лозја. Потоа луѓето почнале да заминуваат, цели фамилии во Австралија, Америка, Канада, а лозјата останале. Денес, еден млад човек од село Арвати полека ја враќа приказната.
Александар Димовски не е новодојденец во светот на грозјетои јаболката. Неговото семејство одгледува грозје и јаболка во Преспа веќе седум генерации, уште во времето кога лозарството беше главна егзистенција на целата котлина. „До шеесеттите години гроздето беше главна егзистенција”, вели Димовски. „Потоа луѓето почнаа да се иселуваат и лозјата исчезнаа.”
Пред четири години, тој и неговото семејство одлучиле да го направат следниот чекор, да не продаваат грозје, туку да прават вино. Така настанала Алесто, првата семејна винарија во Преспа. Ова е нивна четврта берба.
Највисокото виногорје на Балканот
Лозјето е на Алесто се наоѓаат на 900 метри надморска висина, што ги прави едни од највисоките, ако не и највисокото виногорје во Македонија и на Балканот. Toa не е само географски куриозитет, тоа е клучен дел од карактерот на виното.



„Имаме спој на три клими”, објаснува Димовски. „Медитеранска клима од Албанија, планинска клима од Пелистер и Баба Планина, и умерено континентална клима.” Таа комбинација, заедно со близината на Преспанското Езеро, создава услови кои на грозјето му даваат неповторлив профил.

На хектар и пол лозје, Алесто одгледува неколку сорти: автохтоната Станушина, локалниот Прокупец, но и Вранец, Совињон Блан и Темјаника. Станушината е нивна гордост, единствена автохтона сорта во Преспа, и токму таа стои зад розето кое го носи името Лакос, што на латински значи езеро, со етикета на која е отсликано самото Преспанско Езеро.

Пет вина, пет приказни
Моменталната понуда на Алесто е пет вина со пет различни етикети: две бели, едно розе и две црвени. Секоја етикета е инспирирана од Преспа и нејзините предели.
Но Димовски не сака виното да завршува во продавници. „Сакаме луѓето да дојдат тука, да пробаат, да ја видат природата, да ги вкусат сите локални специјалитети”, вели тој. Слоганот на винарија уште од почетокот е јасен: поддржи рурален туризам преку храна и вино.

„Тоа веќе не е туризам, тоа е начин на живот”
Иднината на Преспа, според Димовски, не лежи во масовниот туризам. Лежи во она што котлината го има и никаде на друго место не може да се најде, а тоа е локално вино, домашна ракија, џемови, сокови, мед, масло од лешник. „Виното во комбинација со храна, тоа мислам дека и самите луѓе што доаѓаат и од странство и нашите од Македонија велат дека е интересно. И тоа е веќе начин на живот, тоа не е веќе туризам.”
Во таа насока работи и проектот ЕУ за Преспа, финансиран од ЕУ, а имплементуран од УНДП, преку кој во соработка со локалните производители се работи на градење на бренд на Преспа, кој ќе ги обедини виното, џемовите, соковите, медот и другите производи под едно препознатливо лице. Паралелно, се работи и на реновирање на сместувачки капацитети, со цел да се зголеми бројот на места каде туристите можат да престојуваат и да го доживеат регионот подлабоко.

Покана за другите
Алесто е прва, но Димовски не сака да остане единствена винарија. „Ги охрабрувам и другите луѓе да почнат со такво нешто, да си направат семејна винарија за почеток и малку да се збогати самата понуда тука во Преспа”, вели тој.
Во котлина каде грозјето еднаш веќе го хранело животот, па потоа го заборавиле, приказната на Алесто е нешто повеќе од приказна за едно семејство и едно вино. Таа е знак дека Преспа полека почнува да ја пишува следната своја приказна.