Министерството за внатрешни работи објави статистика од засилените сообраќајни контроли спроведени на патиштата низ државата во периодот од 1 до 31 јули 2026 година.
Според податоците на МВР, во текот на јули полициските службеници констатирале и санкционирале вкупно 20.976 сообраќајни прекршоци, објави 4news.mk.
Лишени од слобода 496 лица
Поради тешки сообраќајни прекршоци кои директно ја загрозуваат безбедноста во сообраќајот, лишени од слобода биле вкупно 496 лица.
Најголем дел од нив, 373 лица, биле лишени од слобода поради управување возило без возачка дозвола. Поради возење под дејство на алкохол биле лишени од слобода 81 лице, а 25 лица биле затекнати како возат иако имале претходно изречена забрана за управување.
Полицијата лишила од слобода и 13 лица поради екстремно пречекорување на брзината надвор од населено место, три лица поради ваков прекршок во населено место, како и едно лице поради возење во спротивен, односно забранет правец.
Покрај тоа, согласно член 300-б од Кривичниот законик, привремено или трајно биле одземени 332 возила.
Најмногу казни за паркирање и брзо возење
Меѓу најчестите прекршоци во јули се неправилното паркирање и непочитувањето на пропишаната брзина.
За неправилно паркирање биле евидентирани 4.694 прекршоци, додека за брзо возење биле издадени 4.241 платни налози.
За возење под дејство на алкохол биле изречени 430 санкции.
Во јули биле санкционирани и 2.073 возачи на мотоцикли поради неносење заштитен шлем, а 1.829 учесници во сообраќајот биле казнети поради некористење сигурносен појас.
Од сообраќај исклучени нерегистрирани и технички неисправни возила
Според одредбите од Законот за возила, од сообраќај биле отстранети 299 нерегистрирани возила.
Дополнително, 125 возила биле исклучени од сообраќај поради утврдена техничка неисправност.
МВР санкционирало и 44 возачи поради неисправно или непрописно затемнување на стаклата, односно поставени фолии спротивно на прописите.
Од Министерството информираат дека засилените сообраќајни контроли ќе продолжат и во наредниот период. Оттаму апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат правилата и прописите, со цел поголема безбедност на патиштата.