МВР казни 140 возачи на мопеди и мотори, осуммина заработија кривични пријави

Најголем дел од прекршоците се за возење без кацига, а најмногу санкции се изречени на подрачјето на Струмица.

Вкупно 140 прекршоци и осум кривични пријави изрече Министерството за внатрешни работи при петчасовна акциска контрола на возачи на мопеди, мотори и велосипеди низ целата држава. Контролата, спроведена во неделата навечер, откри масовно непочитување на основните безбедносни правила, пред сè неносење заштитна опрема.

Главниот фокус на полициските службеници беа возачите на две и четири тркала. Од вкупно 140 констатирани прекршоци, дури 102 се однесуваат на управување без задолжителна заштитна кацига. Дополнително, двајца возачи се исклучени од сообраќај поради возење под дејство на алкохол, а регистрирани се и 156 други сообраќајни прекршоци.

Покрај прекршочните казни, против осуммина учесници во сообраќајот се поднесени кривични пријави согласно член 297-а од Кривичниот законик за загрозување на безбедноста во сообраќајот.

Прекршоците по полициски сектори:

  • СВР Струмица: 33 прекршоци
  • СВР Тетово и Мобилна единица: 17 прекршоци
  • СВР Куманово: 15 прекршоци
  • СВР Битола и СВР Охрид: по 13 прекршоци
  • СВР Велес: 12 прекршоци
  • СВР Скопје: 11 прекршоци
  • СВР Штип: 9 прекршоци

Од МВР најавуваат дека контролите на возачите на мопеди, мотори и тротинети продолжуваат со цел намалување на сообраќајните несреќи со тешки последици и апелираат задолжително да се користи заштитна опрема.

е-Трн да боцка во твојот инбокс