Општина Центар во последниве години станува своевидно отворено платно. По фасадите на училиштата, куќите и градските објекти се појавуваат ликови и приказни што генерации скопјани ги паметат од музиката, телевизијата, театарот и литературата.
Меѓу нив се Александар Џамбазов, „Бушава азбука“ и Горан Стефановски, различни имиња и различни приказни, но со едно заедничко нешто: нивното место во колективното сеќавање сега добива и физичка форма, на улиците по кои секојдневно минуваат граѓаните. Општината последниве години издвојува средства за мурали преку јавни повици, со идеја уметноста да стане дел од секојдневниот градски простор.
„Центарот секогаш бил урбано јадро и многу инвестирал во културата и во културните настани, но и во разубавување на општината и на одредени катчиња во самата општина. Изминатите неколку години имаме издвоено финансиски средства за многу мурали низ општината, така ќе продолжиме и во наредниот период“, вели градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.
Тој смета дека муралите имаат значење што оди подалеку од естетиката.
„Тоа не само што го разубавува просторот, туку и го претставува нашиот идентитет. Преку самите мурали даваме значење и ги одбележуваме оние значајни ликови кои што дале свој придонес во самата општина.“
Џамбазов на улица „Орце Николов“

На улицата „Орце Николов“, во близина на гостилницата „Наџак“, стои ликот на Александар Џамбазов – композиторот и диригент, творец на фестивалот „Златно славејче“. Муралот е дело на Драган Китановски-Драш и Марјан Димиќ-Мачка. Наместо да остане само име во историјата на македонската музика, Џамбазов денес е дел од секојдневниот пејзаж на Дебар Маало.
„Бушава азбука“ – од телевизиски екран на градски ѕид
Неколку чекори понатаму, на истата улица, буквите од „Бушава азбука“ оживуваат на голем мурал. Муралот беше насликан во 2025 година, по повод 40 години од првото емитување на легендарната детска емисија, а негови автори се Драган Китановски-Драш и Мирослав Грчев Микс. Со отворањето на муралот беше поврзана и премиерата на анимираната серија „Буквождер“, како своевидно продолжение на светот на „Бушава азбука“.

За Горан Игиќ од „Види Вака“, муралот многу брзо стана нешто повеќе од уметничко дело на фасада.
„Не проаѓа ден да не излезам на тераса, а да не видам како некој се слика тука, како дечиња се играат. На почеток, кога немавме боенки во продажба, неколку пати се симнав и подарив боенки на децата. Имаше едно детенце кое не сакаше да си оди.“
Интересот, вели тој, не доаѓа само од Скопјани.
„Прекрасно е. Застануваат странци кои што не го ни знаат брендот „Бушава азбука“. Исто така ставивме на Google Maps, ја поставивме локацијата, па добиваме и аналитика. Седумдесетина луѓе месечно бараат насоки како да дојдат до муралот.“
За Игиќ, враќањето на „Бушава азбука“ во јавниот простор има и културна димензија.
„Донесе радост, зашто „Бушава азбука“ до сега не можевме да ја гледаме секој ден. На МТВ се репризираше доста, меѓутоа сега ја имаме како дел од урбаната култура, нешто што ни припаѓа на сите нас и можеме во едно централно градско подрачје, каде што помалку или повеќе сите поминуваме некогаш, да видиме и да уживаме во ова прекрасно дело што го направија Драш и Микс.“

Но зад муралот, вели Игиќ, стои и една поширока приказна за заедницата.
„Да не беа комшиите, а правно согласност е потребна, немаше да имаме можност да го направиме муралот. Да не беше поддршката од Игор Стефановски, од Ѓорѓи Умковски и од целата екипа којашто е околу „Бушава азбука“ и дел од екипата околу „Буквождер“, ова немаше да се случи.“
Во реализацијата значајна била и поддршката од Општина Центар.
„За наша среќа, а истовремено и за наша жалост, Општина Центар е единствената која што препозна дека „Бушава азбука“ ни е потребно да ја имаме присутна и физички и многу помогна, односно го помогна и го призна.“
Игиќ во ваквите проекти гледа и туристички потенцијал.
„Апсолутно носат туристички потенцијал и можат да носат туристи. Така што тотално сум за и се надевам и верувам дека наскоро ќе дојде денот кога цела оваа зграда ќе биде „Бушава азбука“ и зградите околу, и еден тон други дела – „Демонот“ од Дебар Маало и многу, многу работи.“
Горан Стефановски – приказната што продолжува

А приказната за муралите во Центар води и до Горан Стефановски. Неговиот лик е насликан на фасадата на ООУ „Коле Неделковски“, по повод 70-годишнината од неговото раѓање. На муралот се појавува и стих од песната „Скопје“ на „Леб и сол“. Во близина се наоѓа и спомен-клупата на улицата „Димитрие Чуповски“, каде што седи неговиот син Игор Стефановски. За него, начинот на кој е одбележан неговиот татко има посебна тежина.
„Нема поубав начин да се обележи за мене. Ова е сепак многу. Една голема привилегија е да си дел од, или да си син или да си дел од таа фамилија, каде што можам вака да седнам до него и до тој мурал таму.“
Тој вели дека локацијата не е случајна.
„Горан, како што ова беше за него центарот на универзумот цел, и даде и тука овој триаголник и затоа ми е многу драго што успеа точно таму да гледа. Ја стави во драми, како што и есеи и сè, така што немаше друго место каде тој да биде.“
Муралот, според него, веќе го променил и просторот околу него.
„И приметив дека оттогаш е поосветлен и малце средија некои работи околу. Мислам дека мали гестови како ова, добро, ова не беше мал гест ама сепак мали гестови како тоа може да направат голема промена. Полека, дека имаме сега што да чуваме и се надевам дека тој ќе биде тука.“
За Стефановски, муралите се дел од многу поголема приказна, онаа за начинот на кој еден град ги памети своите луѓе.

„Тоа е дел од приказната. И Горан, како што пишува тука долу, тоа што нè прави нас луѓе е приказни и раскажување приказни. Што пишува пајаците прават пајажина, луѓето раскажуваат приказни. Ова се приказни.“
И токму затоа, вели тој, начинот на кој ќе ги чуваме тие приказни кажува многу за самите нас.
„И сега без нив, приказна немаме што да бараме тука – како цивилизација и како град и како народ.“
Градот како архива
Муралите во Центар не се само шарени фасади. Тие се своевидна јавна архива и начин делови од културната историја да излезат од книгите, архивите и телевизиските снимки и да станат дел од улицата.
„Не само ние. Зборувам за сите. И сум приметил дека во други земји навистина тоа се пази и се знае дека тука и тоа се случило. Е сега се надевам дека така ќе биде и кај нас. И еве, полека, оваа општина барем им дава место за такви работи“, вели Стефановски.
Од Џамбазов, преку „Бушава азбука“, до Стефановски, овие мурали покажуваат дека градот не се памети само преку своите згради и улици. Понекогаш, доволен е еден ѕид за една генерација да му објасни на следната кој бил тука, што создал и зошто треба да го паметиме.