Персеиди 2026: Комплетен водич – од каде да ги гледате

Ноќта меѓу 12 и 13 август годинава нуди речиси совршени услови за најпопуларниот метеорски дожд на летото – без месечева светлина да пречи. Еве сè што треба да знаете, плус приказната стара илјадници години зад самото име.

Секое лето, небото над Македонија се полни со десетици „ѕвезди кои паѓаат“ – метеорскиот дожд Персеиди, еден од најочекуваните астрономски настани во годината. Годинава, условите за набљудување се блиску до идеални, врвот паѓа ноќва си целосно темно небо, без месечева светлина да ги засенува послабите траги.

Од каде доаѓаат овие „ѕвезди“?

Персеидите не се вистински ѕвезди, туку остатоци од прашина и мали честички кои Земјата ги пресекува секоја година при својата орбита околу Сонцето. Нивен извор е кометата Swift-Tuttle, откриена во 1862 година, чија орбита трае 133 години и која остава зад себе долга трага од материјал долж својата патека. Кога Земјата поминува низ таа трага, честичките навлегуваат во атмосферата со огромна брзина и согоруваат, создавајќи ја светлата линија што ја знаеме како „ѕвезда паѓачка“.

Каде во Македонија се гледаат најдобро?

За набљудување не е потребен телескоп, ниту двоглед – Персеидите се гледаат целосно со голо око. Клучни услови се:

  • Оддалеченост од градското светлосно загадување – планински ливади, отворени полиња или села надвор од поголемите урбани центри.
  • Чист и отворен хоризонт, без високи згради, ридови или густа шума кои го засекуваат погледот.
  • Периодот меѓу 2 и 4:30 часот наутро, кога соѕвездието Персеј радијантот, односно точката од која навидум произлегуваат метеорите е највисоко на небото.
  • Трпение – на очите им требаат околу 20 до 30 минути целосно да се навикнат на темнината. Затоа, во меѓувреме избегнувајте гледање во телефонот.

Не постои една „официјална“ локација во земјата,секое место значително оддалечено од градските светла, со чист поглед кон небото, е добар избор. Планинските предели, крајбрежјето на езерата или дури и поголем двор надвор од градот можат да бидат подеднакво добри.

Зошто годинава е посебна?

Клучниот фактор секоја година е самата Месечина, нејзината светлина може драстично да ја намали видливоста на послабите метеори. Годинава, врвот на активноста паѓа речиси точно со новолуние, што значи практично без месечева светлина.

Според Меѓународната метеорна организација, при вакви идеални услови теоретски е можно да се забележат и до 100 метеори на час. Реалниот број, се разбира, зависи од облачноста, светлосното загадување и позицијата на набљудувачот, но самата комбинација на услови годинава претставува едно од поретките и поповолни совпаѓања за набљудување.

Приказната зад името

Самото име „Персеиди“ доаѓа од соѕвездието Персеј, бидејќи токму оттаму, гледано од Земјата, навидум произлегуваат метеорите. Во грчката митологија, Персеј е херојот кој ја обезглавил Медуза, а подоцна се оженил со Андромеда. Според легендата, тие имале девет деца, а името „Персеиди“ буквално значи „потомци на Персеј“.

Интересен е и христијанскиот слој на приказната. Во дел од католичките земји, Персеидите со векови се нарекуваат „солзите на Свети Лаврентиј“. Легендата раскажува дека ѓаконот Лаврентиј бил мачен и погубен на ужарена решетка во Рим, на 10 август 258 година, за време на владеењето на императорот Валеријан. Бидејќи врвот на метеорскиот дожд паѓа токму околу денот на неговото мачеништво, светлите траги на метеорите со текот на вековите се поврзале со симболиката на неговите солзи.

Плус – постари од самиот Рим

Малку познат детал е дека Персеидите се меѓу астрономските настани со најдолга документирана историја на набљудување. Првиот познат запис за нив датира од 36 година од нашата ера и е зачуван во кинески летописи.

Тоа значи дека набљудувачите на небото ги следат овие „ѕвезди паѓачки“ речиси две илјадолетни, многу пред некој воопшто да ја идентификува кометата Swift-Tuttle како нивен извор.

Совет за оваа година

Со оглед на идеалната комбинација од новолуние и очекувана висока фреквенција, ноќта меѓу 12 и 13 август годинава се вбројува меѓу подобрите можности за набљудување во последните неколку години.

Најдобрата стратегија е едноставна: најдете темно место со отворен хоризонт, легнете или седнете удобно, оставете им на очите доволно време да се навикнат на темнината и гледајте кон поголем дел од небото, а не строго во еден правец. Метеорите можат да се појават буквално насекаде.

Затоа, не ви треба ниту телескоп, ниту посебна опрема. Само темно небо, малку трпение и неколку минути без телефон. А потоа поглед нагоре.

Фото Ѓорѓи Личовски

е-Трн да боцка во твојот инбокс