Моделот на ХЕРА за работа со момчиња и мажи ги надмина границите на Северна Македонија, придонесувајќи за регионално јакнење на експертизата и капацитетите за работа со момчиња и мажи, особено во областа на менталното здрвје, здравите и ненасилни односи трансформацијата на штетните родови норми и превенцијата на родово базираното и семејното насилство.
Како резултат на регионалната соработка, Албанија го доби својот прв Центар за поддршка и советување на момчиња и мажи во Тиранa, отворен од партнерската организација ACPD. Центарот во Албанија е развиен со поддршка и размена на знаења и искуства со ХЕРА, со што моделот воспоставен во Северна Македонија започнува да се применува и во друга земја од регионот.

По моделот на Центарот во Кочани отворен во мај 2026, а во рамки на понатамошното ширење на иницијативата, ХЕРА планира до крајот на годината да отвори уште еден Центар за советување и поддршка на момчиња и мажи во Шуто Оризари, со цел услугите да станат подостапни за поголем број граѓани и развој на одржливи модели на поддршка во регионот.
Искуството на ХЕРА покажува дека кога момчињата и мажите имаат безбеден и доверлив простор во кој можат без страв од осуда да зборуваат за своите проблеми, тоа придонесува не само за подобрување на нивното ментално здравје, туку и за подобра комуникација, поквалитетни односи со семејството и околината и за градење поздрави и ненасилни заедници. ММ Центарот е место каде мажите и момчињата добиваат стручна поддршка во периодите кога им е најпотребна.

На отворањето во Тирана, присуствуваа претставници на институциите, локалната самоуправа, здравствениот сектор и партнерски организации, кои ја нагласија важноста од навремена поддршка, разговор и заедничка грижа за менталното здравје на младите и заедницата.
Отворањето на Центарот е дел од регионалниот проект „Трансформирање на родовите норми: Спречување на родово базирано насилство преку ангажман на младите во Албанија и Северна Македонија“, финансиски поддржан од Австриското сојузно министерство за социјални работи, здравство, нега и заштита на потрошувачите.