Издавачката куќа Или-Или го објави македонскиот превод на романот „Мистеријата на обезглавената жена“ од белгиската писателка и новинарка Миријам Лероа. Книгата, како и претходниот роман на авторката „Црвените очи“, исто така објавен од Или-Или, е преведена од француски од Светлана Јовановска.
Романот започнува од еден случајно откриен гроб. На него стои името Марина Шафров и податокот дека била обезглавена во 1942 година. Тој траг ја отвора истрагата на авторката: која била оваа жена, зошто завршила така и како нејзината приказна исчезнала од колективната меморија?
„Мистеријата на обезглавената жена“ ја реконструира животната приказна на Марина, млада Русинка во егзил во Белгија за време на Втората светска војна. Таа извршува напад врз германски окупатор, а потоа самата се пријавува. Подоцна е осудена и погубена по наредба на Адолф Хитлер.
Делото се движи меѓу 1942 и 2022 година, спојувајќи историја, биографија, фикција и лична рефлексија. Лероа не пишува само за една жена од минатото, туку и за механизмите на заборавот: зошто некои херојства влегуваат во учебниците, а други остануваат закопани во тишина.
Во романот се отвораат теми за заборавените женски хероини, идентитетот, жртвата и положбата на жените низ времето. Приказната за Марина Шафров станува и пошироко прашање за тоа како историјата ги памети жените, особено оние што одбиле да бидат неми сведоци на насилството.
Миријам Лероа е родена во 1982 година и се смета за авторка која ги вкрстува книжевноста и новинарството. Во своите дела често го користи сопствениот живот како материјал, а нејзиното пишување отвора деликатни општествени прашања со брутална искреност, особено оние поврзани со сексизмот, табуата и обидите да се замолчи женскиот глас. Авторката живее и работи во Брисел.