Костимите за капење остануваат на плажа: Улцињ воведе казни до 500 евра

На стартот на летната сезона, Улцињ забрани движење во костим за капење низ улици, плоштади, паркови, шеталишта и други јавни површини надвор од плажите.

Улцињ го почнува летото со ново правило за туристите и жителите: костимите за капење остануваат на плажа. Локалната самоуправа донесе одлука со која се забранува движење во костим за капење или без дел од облеката на јавни површини надвор од просторот за капење.

Според новата одлука, забраната важи во урбани и приградски населби, туристички локации, улици, плоштади, шеталишта, пешачки зони, паркови и други јавни површини кои не се означени како места за капење. Исклучок се плажите и непосредното крајбрежје наменето за капење.

За прекршување на правилото се предвидени парични казни од 150 до 500 евра. Во одлуката се наведува дека целта е заштита на комуналниот ред, достоинството на градот и уредниот изглед на јавните површини во текот на туристичката сезона.

Претседателката на Општинското собрание на Улцињ, Ивана Поповиќ, ја сподели веста на Инстаграм, посочувајќи дека мерката треба да придонесе за зачувување на редот, етиката и имиџот на туристичкиот град.

Сепак, дел од медиумите во Црна Гора забележуваат дека не е прецизирано кој и по кои критериуми ќе одлучува дали казната ќе биде 150, 300 или 500 евра. Така, Улцињ летово испраќа јасна порака до туристите: плажа е плажа, но градот не е продолжение на пешкирот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс