400 евра за пензионери, 500 за државни службеници: Мицотакис најави пакет од 2,2 милијарди евра

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис од Солун најави пакет економски и социјални мерки во вредност од 2,2 милијарди евра за 2027 година, со кои владата планира да ги зголеми приходите на одредени категории граѓани и да воведе нови даночни олеснувања.

Мерките беа презентирани на отворањето на Меѓународниот саем во Солун, каде што традиционално грчкиот премиер ги претставува владините економски планови за следната година. Овојпат, сепак, Мицотакис се осврна и на подолгорочни цели до 2030 година, имајќи предвид дека во првата половина на 2027 година во Грција треба да се одржат парламентарни избори.

Пензионерите ќе добиваат 400 евра

Една од најзначајните мерки е зголемувањето на годишниот додаток за пензионерите постари од 65 години. Од ноември годинава додатокот ќе се зголеми од 300 на 400 евра, а според најавата, мерката ќе опфати околу 2,3 милиони пензионери

Од 2027 година околу 720.000 вработени во државниот сектор треба да добијат Божиќен додаток во висина од 500 евра. Мерката е дел од поширокиот пакет за зголемување на приходите и поддршка на домаќинствата.

Земјоделците со пониски приходи ќе плаќаат помал данок

Мицотакис најави значителни даночни олеснувања за земјоделците. За оние со годишен приход до 20.000 евра е предвидено целосно ослободување од данокот на доход, додека земјоделците со приходи до 30.000 евра би плаќале 50 отсто помал данок. Во рамките на мерките за справување со демографскиот пад, грчката влада планира даночни олеснувања за семејствата со повеќе деца.

За семејствата со три деца е најавено укинување на данокот на доход до 20.000 евра, како и зголемување на специјалниот додаток за многудетните семејства.

Државата ќе го удвојува штедењето за новороденчињата

Мицотакис најави и нова мерка за поттикнување долгорочно штедење за децата. Според планот, родителите ќе можат да уплаќаат средства на штедни сметки за новороденчињата, а државата ќе го удвојува уплатениот износ.

Така, за секои 100 евра што ќе ги уплатат родителите, државата би додала уште 100 евра. Целта, според Мицотакис, е на младите да им се создаде почетен капитал до полнолетството.

Повисок данок за купувачи на недвижности од трети земји

Во однос на станбеното прашање, грчкиот премиер најави и промена на данокот на пренос на недвижности за купувачи од трети земји.

Данокот би се зголемил од 3 на 15 отсто, а како примери беа наведени купувачи од Кина, Турција и Израел.

Минималната плата целат да достигне 1.000 евра

Владата постави и цел минималната плата во приватниот сектор да достигне 1.000 евра во јануари 2028 година. Мицотакис најави дека во следните години ќе продолжи постепеното зголемување на минималните приходи.

Паралелно со тоа, владата има цел во следните три години цената на електричната енергија да се намали за 30 отсто.

Пакет од 2,2 милијарди евра

„Програмата што ја претставив чини 2,2 милијарди евра до 2027 година и 3,5 милијарди евра до 2030 година“, рече Мицотакис, нагласувајќи дека мерките ќе се реализираат во рамките на постојниот фискален простор.

Во својот 85-минутен говор тој зборуваше и за миграцијата, енергетиката и одбраната, како и за владините цели за следниот четиригодишен период. Отворањето на саемот во Солун се одржа и во сенка на трагичната несреќа во која загинаа двајца пилоти на грчкото воено воздухопловство при пад на авион Ф-4Е Фантом за време на авијацискиот спектакл „Athens Flying Week“.

Во Солун, во пресрет на отворањето на саемот, беа одржани и повеќе протести организирани од синдикатите, кои ја критикуваат владината политика.

Мицотакис се очекува на традиционалната прес-конференција во рамките на саемот подетално да ги објасни најавените мерки и другите економски и политички планови.

е-Трн да боцка во твојот инбокс