Search

Microsoft сепак се откажа од „фаќање скриншот“ од вашиот екран на секои пет секунди

Кога компанијата Microsfot го најави нивниот продукт Recall, имаа намера да креираат совршена алатка базирана на вештачка интелигенција за меморирање на се што работите. Сепак, по неколкунеделни критики од страна на корисниците, компанијата призна дека оваа алатка е преопасна за да биде претставена на пазарот во моментов.

Оваа алатка беше најавено дека ќе собира податоци од тоа што го гледате на вашиот екран, вклучувајќи ги и вашите банкарски податоци, лозинки, како и посети на порнографски сајтови и сензитивни содржини. Ваквите податоци би се чувале на вашиот уред, без пристап до интернет, со цел да може компјутерот да има совршена меморија за да може да вратите изгубени податоци.

Сепак, експертите за онлајн безбедност предупредија дека ваквите снимки се вистински „поклон“ за хакерите, бидејќи алатката претставува напредна верзија на spyware, вграден во вашиот систем.

Иако податоците, според Microsoft, не би биле споделувани на интернет,  сепак експертите сметаат дека хакери, кои би го нападнале вашиот систем, ќе може да дојдат до податоците прибрани од алатката, давајќи им детален увид во вашиот живот и активности.

Оваа недела Microsoft соопшти дека алатката Recall ќе биде само опција, која корисниците ќе бираат дали сакаат да ја користат, како дел од Copilot+. Претходно беше најавено дека тоа ќе биде алатка која ќе биде вклучена автоматски.

„Го ажуриравме начинот на поставување на Copilot+ на компјутери за да им дадеме на корисниците јасен избор дали сакаат да зачувуваат снимки користејќи ја алатката Recall“ се вели во објавата на Паван Давулури, потпретседателот на Microsoft за Windows. „Ако вие проактивно не ја вклучите алатката, таа ќе биде исклучена“.

Освен тоа што алатката нема да биде автоматски вклучена, измените кои Microsoft ги прави ќе се однесуваат и за начинот на кој Recall собира и чува податоци и ќе бара корисниците да го потврдат својот идентитет пред да може да пристапат до истите. Тоа подразбира дека тие ќе треба да се најават со Microsoft Hello, со ПИН или биометриски податоци.

Најново

Последни колумни