Американскиот технолошки гигант „Мајкрософт“ најави инвестиција од 10 милијарди долари во Јапонија за развој на инфраструктура поврзана со вештачка интелигенција, облачни услуги и сајбер безбедност. Инвестицијата ќе се реализира во периодот од 2026 до 2029 година и претставува една од најголемите технолошки вложувања во земјата досега.
Компанијата соопшти дека средствата ќе бидат насочени кон изградба и проширување на центри за податоци, развој на локална ВИ инфраструктура, обука на инженери и продлабочување на соработката со јапонските институции за сајбер безбедност. Дел од проектот вклучува и партнерства со јапонските компании „SoftBank“ и „Sakura Internet“, со цел податоците и ВИ услугите да останат во рамки на Јапонија.
Од „Мајкрософт“ велат дека побарувачката за услуги базирани на вештачка интелигенција во Јапонија значително пораснала во последните две години. Според податоците на компанијата, речиси секој петти работоспособен жител во Јапонија веќе користи генеративни ВИ алатки, а дури 94 проценти од компаниите во индексот Nikkei 225 користат Microsoft 365 Copilot.
Потпретседателот на „Мајкрософт“, Бред Смит, изјави дека инвестицијата е одговор на растечката потреба на Јапонија за облачни и ВИ услуги. Според него, компанијата сака да изгради сигурна инфраструктура која ќе функционира според јапонските стандарди за безбедност и заштита на податоци.
Јапонската влада ја поздрави одлуката, оценувајќи дека вештачката интелигенција и дигиталната инфраструктура стануваат клучни за економската безбедност и конкурентноста на земјата. Инвестицијата се совпаѓа со напорите на Токио да го забрза технолошкиот развој и да ја намали зависноста од странски центри за податоци.
Покрај инфраструктурата, „Мајкрософт“ планира до 2030 година да обучи повеќе од еден милион инженери, програмери и работници во Јапонија за работа со ВИ технологии. Компанијата најави и нови програми за дигитални вештини, истражување и сајбер безбедност.
Експертите оценуваат дека глобалната трка за доминација во вештачката интелигенција дополнително се засилува, а Јапонија се позиционира како еден од најважните центри за ВИ развој во Азија. Големите технолошки компании сè повеќе инвестираат во дата центри и локални ВИ капацитети поради зголемената побарувачка за обработка на огромни количини податоци.