Германскиот канцелар Фридрих Мерц денеска од Киев упати директен апел до рускиот претседател Владимир Путин да ги запре нападите врз Украина и да покаже подготвеност за преговори. Мерц, кој во украинската престолнина пристигна во момент кога низ градот се огласуваа сирени за воздушен напад и се слушаа експлозии, порача дека нападите врз цивилното население мора веднаш да престанат.
„Претседателе Путин, запрете ја оваа бесмислена војна! Подготвени сме за разговори, подготвени сме да разговараме за завршување на оваа војна. Но, овие варварски напади врз цивилното население на Украина мора да престанат“, порача Мерц. Неговата посета на Киев доаѓа во период на засилени руски напади врз украинските градови и инфраструктура, вклучително и енергетските објекти, додека Украина се подготвува за петтата воена зима.
Покрај политичката порака, Мерц најави и нова германска поддршка за Украина во вредност од околу 1,35 милијарди евра. Од пакетот, околу една милијарда евра се наменети за воена помош, додека дополнителни 350 милиони евра ќе бидат насочени кон поправка на енергетската инфраструктура оштетена во руските напади.
Посетата во Киев има и поширока димензија. Германија и Украина треба да ја продлабочат соработката во одбранбениот сектор, вклучително и преку заедничко производство на дронови. Според германската влада, Мерц отпатувал во Украина за повторно да ја потврди германската поддршка, додека Берлин ја нагласува важноста на Украина како суверена држава и на нејзината безбедност за пошироката европска безбедност.
Апелот за преговори доаѓа во момент кога дипломатските напори за прекин на војната сè уште не доведоа до траен договор. Мерц и претходно повикуваше на преговори со цел запирање на борбите и замрзнување на фронтот, додека Москва продолжува да инсистира дека нејзините воени дејствија се одговор на украинските напади и дека ќе продолжи со ударите.
Посетата на Мерц воедно се одвива во услови на ново засилување на нападите и контранападите. Киев најавува удари врз руската нафтена инфраструктура како одговор на руските воздушни напади, додека Москва предупредува дека ќе ги интензивира своите напади.
