Медицинска сестра со десетгодишно искуство во здравството, Љубица Шавреска, објави отворено писмо до Министерството за здравство во кое детално сведочи како во 24-та недела од бременоста го изгубила плодот. Сведоштвото опишува повеќечасовна голгота низ болниците во Охрид, Струга и Клиниката за гинекологија во Скопје, каде наместо итен третман за скратен цервикс и крварење, се соочила со игнорирање, префрлање на одговорноста и навреди од дежурниот медицински персонал.
Драмата започнала околу 03:30 часот по полноќ кога Шавреска, во 24+3 гестациска недела, почувствувала силни болки и притисок во половината. Се јавила на гинеколошкото одделение во Охрид, каде дежурниот доктор и директор на болницата, д-р Горан Маркоски, направил преглед од две минути. Тој заклучил дека болката доаѓа оти бебето е завртено со нозете надолу, препишал таблети „Дабростон“ и, според сведочењето, ѝ се развикал на дежурната сестра што го разбудила за „такви глупости“.
Со засилени болки, Шавреска заминала во струшката болница. Таму докторката Виолета Насуфи првично одбила да ја прими бидејќи пациентката доаѓала од Охрид. По ултразвукот, Насуфи констатирала сомнение за бубрежна колика и ординирала „Кетонал“, додека дежурната сестра ја обвинила пациентката дека дошла „за циркузи“.
Следниот ден, по повторното затегање на стомакот, Шавреска побарала преглед кај матичниот лекар д-р Устијаноски, кој веднаш констатирал потреба од итна хоспитализација и издал упат за охридската гинекологија. Таму ја пречекала д-р Радмила Здравеска, која единствена направила детален преглед со ехо, сонда, спекулум и ЦТГ.
Д-р Здравеска утврдила критично скратување на грлото на матката и потреба од серклаж и токолитична терапија на Клиниката во Скопје. По краток обид за згрижување во приватната болница „Плодност“ во Битола, каде цервиксот бил измерен на само 13 милиметри со препорака за итен терцијален третман, семејството со сопствено возило заминало за Скопје.
На Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје, Шавреска пристигнала околу 03:20 часот наутро. Иако имала неподносливи болки и обилно крварење, соодветен третман немало. Утринската визита предводена од д-р Адела Стефанија поминала со совет да продолжи со домашната терапија, а на прашањата за серклаж и контракции, докторката иронично одговорила дека „сестрите сè знаат“.
Наместо токолитици за запирање на предвременото породување, пациентката добила само ампула „Апотел“, додека чистачката ѝ се развикала и фрлила шише со осветена вода што семејството ѝ го донело за утеха. Докторка од попладневната визита отворено ѝ кажала дека не дежура на тој оддел и дека треба да ја чека утрешната визита.
Соочена со животна опасност и без надзор, Шавреска потпишала отпуст на сопствено барање и се упатила во приватната болница „Систина“, каде што била итно примена во родилна сала од д-р Јосиф Ѓорески, но бременоста завршила со трагичен исход.
Шавреска порачува дека не бара одмазда, ниту најавува тужби, туку јавно го крева гласот против систем кој ги тера пациентите да бараат партиски и лични врски за најобичен преглед.
„Не барам привилегија. Барам систем во кој никој нема да мора да бара привилегија за да биде спасен.
Зашто зад секој пациент стои човек. Зад секоја трудница стои мајка. А зад секоја бременост стои еден цел свет. Мојот свет тој ден се распадна. Но јас останав. И ќе продолжам“ вели Шавреска.