Мечка нападна четири лица во Јапонија и побегна

Мечка повреди четири лица во станбена област во Фукушима, на североистокот на Јапонија, во најновиот напад во регион каде последните години сè почесто се случува диви животни да влегуваат во населени места, пишува Euronews.

Инцидентот се случил во населбата Сасакино, откако од фабриката Fukushima Steel Works било пријавено дека мечка нападнала двајца вработени.

Снимка од надзорна камера покажала како црна мечка брка вработен во близина на влезот во фабриката. Мажот, на возраст од околу дваесет години, се обидел да избега, но животното го нападнало. Потоа мечката влегла во фабричкиот комплекс и повредила уште еден работник, маж во шеесеттите години.

Подоцна мечката нападнала и трет човек, вработен во друга компанија, исто така во шеесеттите години. Повредена е и 80-годишна жена од соседството.

Според противпожарната служба на градот Фукушима, тројцата мажи се здобиле со полесни повреди, додека жената има умерени повреди. Никој од повредените не е во животна опасност.

До вторник попладне мечката сè уште не била фатена. Се верува дека се наоѓа во комплекс на друга компанија, кој е опколен од полицијата.

Две блиски училишта биле затворени, меѓу кои и Основното училиште Нода, кое наставата ја продолжило онлајн. До граѓаните било испратено предупредување да избегнуваат непотребни излегувања и да останат на безбедно.

Нападот ги вознемири жителите и повторно ги отвори стравувањата од зголемениот број средби меѓу луѓе и мечки во Јапонија. Минатата година, поради серија напади на северот од земјата, била ангажирана и војската.

Во префектурата Акита минатата година биле нападнати повеќе од 60 лица, од кои четири починале. Според податоците на јапонското Министерство за животна средина, 2025 година била рекордна, со повеќе од 230 напади од мечки и 13 смртни случаи.

Експертите објаснуваат дека зачестените навлегувања на мечките во населени места се поврзуваат со растечката популација на овие животни, стареењето и намалувањето на населението во руралните региони, како и недостигот на обучени ловци.

Јапонската влада во март процени дека во земјата има околу 57.800 мечки и усвои план за управување со нивната популација. Планот предвидува во следните пет години бројот на општински службеници задолжени за контрола на мечки да се зголеми на 2.500, а бројот на замки да се удвои.

Властите ја засилија и кампањата за информирање на јавноста, особено за планинари и собирачи на печурки, кои се повикуваат да ги следат дојавите за движење на мечки и да избегнуваат престој на отворено во раните утрински и вечерни часови, кога мечките се најактивни.

Во упатствата на Министерството за животна средина се советува при средба со мечка да не се паничи, туку полека да се повлекува без трчање и без вртење грб.

е-Трн да боцка во твојот инбокс