Охридскиот локалитет Мауцкер тоне во отпад, институциите молчат

Граѓански активисти предупредуваат дека локалитетот Мауцкер кај Охрид е претворен во нестандардна депонија, иако УНЕСКО бара затворање и санација на нерегуларните депонии.

Локалитетот Мауцкер кај Охрид е целосно уништен и претворен во нестандардна депонија, реагираат граѓански активисти, посочувајќи дека отпадот секојдневно се зголемува и покрај бројните апели до надлежните институции.

Според нив, на оваа локација се исфрла различен вид отпад – градежен шут, пластика, мебел, опасен отпад и остатоци од животни. Тие предупредуваат дека Мауцкер, наместо да биде заштитен како дел од Охридскиот Регион, станува потенцијална опасност за животната средина и здравјето на граѓаните.

„Овој локалитет е колективен пораз и огледало на нас самите, какви сме навистина и колку ни значи животната средина“, се наведува во реакцијата.

Активистите потсетуваат дека во препораката 2б од Реактивната мониторинг-мисија на УНЕСКО, ИКОМОС и ИУЦН од 2024 година, повторена и од претходната мисија од 2020 година, се бара затворање на сите нерегуларни депонии, меѓу кои Буково, Мауцкер и Струга, како и санација на погодените области.

Во извештајот било констатирано дека и покрај претходно дадениот рок од три години, не бил направен значителен напредок. Новиот рок за целосно исполнување на препораката е 2027 година.

Од граѓанските организации предупредуваат дека, со оглед на состојбата на Мауцкер, струшката депонија и Буково, малку е веројатно дека локалната и централната власт ќе ја исполнат обврската во предвидениот рок.

Тие сметаат дека прашањето треба да се третира како итно, бидејќи нестандардните депонии го загадуваат воздухот, почвата и подземните води, а последиците ги чувствуваат и луѓето и живиот свет.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни