Хрватскиот тенисер Мате Павиќ и неговиот партнер од Ел Салвадор Марсело Аревало не успеаја да ја освојат титулата на Вимблдон во конкуренција на машки двојки. Во финалниот меч подобри беа финскиот тенисер Хари Хелиоваара и Британецот Хенри Патен, кои славеа со 2:0 во сетови (7:6, 7:6) по две драматични тај-брејк завршници.
Финалето донесе израмнета борба од самиот почеток. Двата пара беа сигурни на свој сервис и во првиот сет не дозволија ниту еден брејк. Павиќ и Аревало имаа краток период на проблеми при резултат 4:3, кога Павиќ направи двојна сервис-грешка, но брзо се вратија во ритам.
Победникот на првиот сет беше решен во тај-брејк, каде што Хелиоваара и Патен беа посконцентрирани и го освоија со 7:4. Вториот сет имаше сличен тек – доминација на сервисите и без можност за одземање сервис. Повторно одлуката падна во тринаесеттата игра, а финско-британската комбинација уште еднаш беше подобра и славеше со 7:4 во тај-брејкот.
Со победата, Хелиоваара и Патен го освоија својот прв заеднички гренд слем трофеј. За 33-годишниот Мате Павиќ, ова беше прво финале на еден од четирите најголеми турнири по пауза од две години, но на крајот остана без нова голема титула.