Масовен штрајк со глад во најголемиот затвор во Иран: Осуденици си ги сошија усните во знак на протест

Повеќе од 1.500 затвореници осудени на смрт во затворот Гезел Хесар штрајкуваат со глад поради зголемениот број егзекуции, додека организациите за човекови права предупредуваат на сериозна криза.

Повеќе од 1.500 затвореници осудени на смрт во најголемиот затвор во Иран, Гезел Хесар, започнаа масовен штрајк со глад во знак на протест против растечкиот број егзекуции. Дел од нив, според снимките објавени од организации за човекови права, си ги сошиле усните како симбол на отпорот.

Штрајкот започнал пред две недели, откако шестмина осуденици биле преместени во самица пред можното извршување на смртната казна. На видеата се гледаат затвореници кои држат транспаренти со пораки против егзекуциите и бараат меѓународната јавност да го слушне нивниот апел.

Според сведоштва објавени од активисти, здравствената состојба на дел од штрајкувачите се влошува, а затворските власти наводно не им дозволуваат навремена медицинска помош.

Организациите за човекови права предупредуваат дека бројот на егзекуции во Иран значително се зголемил во текот на годинава, особено кај лицата осудени за дела поврзани со дрога и учество во антивладини протести. Податоците на Iran Human Rights покажуваат дека досега се извршени најмалку 424 егзекуции, додека стотици други затвореници сè уште ја чекаат смртната казна.

Од Amnesty International посочуваат дека револуционерните судови често изрекуваат смртни казни по постапки кои не ги исполнуваат основните стандарди за правично судење. Адвокати и активисти тврдат дека во дел од случаите признанијата биле изнудени со тортура, а обвинетите немале соодветна правна заштита.

Во меѓувреме, семејствата на осудениците протестирале пред затворот барајќи запирање на егзекуциите, но според извори блиски до активистите, нивниот собир бил насилно растеран од безбедносните сили.

е-Трн да боцка во твојот инбокс