Модата постојано се менува, но некои трендови успеваат да предизвикаат речиси едногласно негодување. Токму тоа го покажа и неодамнешна дискусија на Reddit, започната со прашањето: „Кој машки моден тренд треба засекогаш да исчезне?“
Корисниците не штедеа зборови и ги издвоија трендовите што, според нив, се најголеми модни промашувања кај мажите денес, пишува BuzzFeed.
На врвот на листата се најдоа прекратките панталони од костум. Еден корисник напиша дека овој тренд треба „веднаш да престане“, додека друг додаде дека комбинацијата со мокасини без чорапи е еден од најлошите изгледи што ги наметнале социјалните мрежи.
Многумина ги критикуваа и елегантните чевли што се носат без чорапи. Еден корисник раскажал дека на работа има колега кој носи тесни chino панталони и кафеави чевли без чорапи, а бидејќи панталоните му се прекратки, му се гледа дел од голата нога, што според него изгледа смешно.
На мета се најде и трендот на вовлекување дизајнерски тренерки во чорапи, како и комбинацијата што често се гледа кај средношколци: многу кратки спортски шорцеви, долги бели чорапи и влечки.
Корисниците не го заборавија ниту стариот тренд со спуштени панталони што висат под задникот. „Не ми е јасно како ова некогаш станало популарно“, напиша еден од нив.
Како вечна модна дилема повторно се спомнаа и сандали со чорапи, комбинација што очигледно и понатаму има многу противници.
Многу коментари предизвика и таканаречената „брокула“ фризура, популарна кај дел од младите. Еден корисник забележа дека му е жал за миленијалците со природно кадрава коса, кои порано биле исмевани, а сега гледаат како помладите намерно прават фризури за да изгледаат исто.
Во дискусијата се споменаа и детали како капи со рамен штитник навлечени преку ушите, федори со необични додатоци, како и момци што носат очила за сонце на задниот дел од главата.
Некои корисници сметаат дека проблемот не е само во трендовите, туку и во непрактичноста на машката мода. Еден од нив напиша дека на мажите им треба повеќе лесна и проветрена деловна облека за лето, бидејќи класичните костуми не се практични на високи температури.
На крајот, како еден од поновите интернет-феномени беше спомената и целата „looksmaxxing“ култура, односно трендот на опсесивно подобрување на изгледот преку совети, рутини и естетски правила што се шират на социјалните мрежи.
Иако вкусовите се различни, дискусијата покажа дека некои трендови, барем според корисниците на Reddit, многу брзо би можеле да заминат во модна историја.