Маск изгуби на суд против OpenAI: Поротата пресуди дека тужбата против Сем Алтман била задоцнета

Американска порота пресуди во корист на OpenAI во спорот со Илон Маск, оценувајќи дека тужбата против Сем Алтман и компанијата била поднесена предоцна.

Американска порота пресуди во корист на OpenAI во судскиот спор што против компанијата го покрена Elon Musk, заклучувајќи дека милијардерот предоцна ја поднел тужбата против извршниот директор Sam Altman и самата компанија.

Судењето, одржано пред федерален суд во Oakland, траеше 11 дена и беше оценето како еден од најважните процеси поврзани со иднината на вештачката интелигенција и прашањето дали AI треба првенствено да му служи на јавниот интерес или на профитот на инвеститорите.

Маск тврдеше дека OpenAI отстапил од својата првична непрофитна мисија и дека фокусот на компанијата се префрлил кон остварување профит и задоволување на инвеститорите, особено по партнерството со Microsoft. Тој исто така ја обвини компанијата дека безбедноста во развојот на AI повеќе не е приоритет.

Неговиот адвокат Стивен Моло во завршните зборови се обиде да го доведе во прашање кредибилитетот на Алтман, тврдејќи дека бројни сведоци се сомневаат во неговата искреност. Сепак, поротата едногласно заклучи дека тужбата е поднесена по истекот на дозволениот рок, со што беа отфрлени тврдењата на Маск.

Случајот привлече големо внимание бидејќи вештачката интелигенција денес се користи во бројни области — од образование и медицина до новинарство, финансии и правни истражувања — додека паралелно расте загриженоста за можната замена на работни места и злоупотребата на технологијата преку „deepfake“ содржини.

Според Reuters, пресудата се смета за важен правен и деловен момент за индустријата на вештачка интелигенција, особено за OpenAI, кој продолжува со забрзан развој на комерцијални AI системи.

е-Трн да боцка во твојот инбокс