Судир на технолошките титани: Маск барал 90 отсто од OpenAI

Во судскиот спор меѓу Илон Маск и OpenAI, Алтман негира дека ја „украл“ компанијата и тврди дека Маск сакал поголема контрола врз неа.

Сем Алтман, извршниот директор на OpenAI, на суд ги отфрли обвинувањата на Илон Маск дека ја „украл“ компанијата и ја претворил од непрофитна организација во профитен бизнис. Алтман пред федералниот суд во Оукленд, Калифорнија, изјави дека е „чесен и доверлив бизнисмен“ и негираше дека ги измамил Маск и другите основачи околу идната насока на компанијата.

Маск тврди дека Алтман, OpenAI и претседателот на компанијата Грег Брокман го навеле да вложи милиони долари во периодот кога OpenAI функционирала како непрофитна организација, а потоа ја насочиле кон профитен модел. Во тужбата, Маск бара 150 милијарди долари отштета од OpenAI и Microsoft, како и смена на Алтман и Брокман од нивните позиции.

Алтман, пак, на судот изјави дека Маск уште претходно сакал силна контрола врз OpenAI. Според неговото сведочење, Маск во еден момент барал 90 отсто удел во компанијата, а размислувал и OpenAI да се спои со Tesla, што според Алтман било спротивно на првичната мисија вештачката интелигенција да не биде под контрола на еден човек или една компанија.

Судскиот спор доаѓа во момент кога OpenAI е една од највлијателните компании во светот на вештачката интелигенција, а нејзината иднина може да зависи и од исходот на овој процес. Сведочењата би можеле да завршат до крајот на неделата, по што поротата ќе почне да одлучува за одговорноста на обвинетите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс