Родителите од „Пулс“ пред судот: Кој им гарантираше безбедност на нашите деца?

На 49. марш во Кочани семејствата порачаа дека судот мора да суди според докази, а не според понудени имотни гаранции за слобода.
Фото: Радио Кочани

Родителите на загинатите во дискотеката „Пулс“ и граѓани на Кочани денеска по 49. пат излегоа на „Марш за ангелите“, одбележувајќи точно година и половина од трагедијата во која згаснаа млади животи. Овој пат револтот беше насочен директно пред зградата на кочанскиот Основен суд, каде што семејствата реагираа на најавите дека на сопственикот Дејан Јованов му истекува едногодишниот притвор и дека неговата одбрана нуди имот како гаранција за да се брани од слобода.

Маршот започна од Паркот на Револуцијата, помина преку мостот кај Трговскиот центар и продолжи со застанувања пред Управата за јавни приходи и полициската станица. Граѓаните носеа транспаренти во форма на срце со имињата на настраданите од 16 март лани, а на кружниот тек на булеварот „Стево Теодосиевски“ запалија свеќи.

Централното обраќање пред судот го имаше Валентина Христовска, мајка на починатиот Павел Христовски. Таа отворено праша како институциите дозволуваат слобода со имотен залог, додека никој не гарантирал за животите на гостите.

„Само два дена пред овој марш од одбраната на Деко слушнавме дека притворот не можел да продолжи ‘освен ако не се измисли ново кривично дело’. Во исто време се нуди имот како гаранција за негово излегување од притвор. И токму зборот гаранција посебно боли. А ние, родителите, прашуваме: Кој им ја гарантираше безбедноста на нашите деца кога влегоа во ‘Пулс’?“, рече Христовска.

Таа додаде дека младите со право верувале дека влегуваат во безбеден простор чии услови ги провериле државните инспекторати.

Семејствата посочија дека не бараат линч, ниту сакаат тие да одредуваат мерки на претпазливост, туку инсистираат правдата да не застане на половина пат. Бараат судењето и истрагата да ги опфатат сите фази од функционирањето на локалот.

„За притворот нека одлучи Судот, според законот и доказите. Но, бараме законот да биде гаранција – дека ниту еден пропуст нема да остане непроверен, ниту една незаконитост премолчена и ниту една одговорност неиспитана“, нагласи Христовска.

Листата на сомнежи за кои се бараат одговори ги опфаќа реконструкцијата на објектот, неговата пренамена во кабаре, издавањето на лиценцата, реалниот капацитет, финансиските текови, пријавувањето на кобниот концерт и внесувањето на пиротехниката. Родителите потсетија и на сведочењата од судницата дека за инспекциските контроли сопствениците добивале дојави однапред.

„Нашите деца денес не можат да зборуваат. Ние сме нивниот глас. И додека не ја добиеме целата вистина – тој глас нема да замолкне“, порача Христовска од протестот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс