Во Штип в сабота ќе се одржи 41. Марш на ангелите

Во Штип в сабота ќе се одржи 41. Марш на ангелите, посветен на 63-те загинати, повредените и семејствата кои повеќе од една година бараат правда.

Маршот на ангелите, кој ќе се одржи по 41. пат, оваа сабота за првпат ќе биде организиран во Штип. Од здружението „16 Март“ велат дека со маршот сакаат да оддадат почит на загинатите, да потсетат на болката што семејствата и натаму ја носат и уште еднаш јавно да побараат правда.

Собирот е закажан за 16.05 часот на плоштадот „Слобода“, од каде ќе почне маршот низ градот. Организаторите велат дека станува збор за мирен и достоинствен чекор за сеќавање, вистина и одговорност.

„Ова не е само марш. Ова е чекор за сеќавање. Чекор за вистината. Чекор за правда“, порачуваат родителите на загинатите деца во повикот за учество.

Тие додаваат дека маршот е потсетник дека најблиските не смеат да бидат заборавени и дека правдата не смее да доцни. Со тоа, и 41. издание на Маршот на ангелите останува симбол на тагата, достоинството и истрајноста во барањето одговорност.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни