Инструментот што го добил од татко му и денес го чува, како дел од семејната историја во која музиката има свое место веќе неколку генерации.
Со „Македонска Хармоника“, Стојановски ѝ дава поинаква звучна форма на народната песна. Без вокал, придружни инструменти или други музичари, мелодиите ги пренесува преку хармониката, во сопствени аранжмани. Двата албума им ги посветува на своите синови, а преку светските музички платформи ги отвора и за слушатели што допрва ќе ја откриваат македонската музика.
За Трн разговараме за растењето во музичко семејство, работата и одговорноста што ја чувствува кога свири песни наследени од претходните генерации.

Во твоето семејство музиката била присутна многу пред да ја земеш хармониката в раце. Што паметиш од своите почетоци?
Марио Стојановски: Мојата приказна започна со мала хармоника што ми ја купи татко ми. Тој беше мојот прв учител и човекот што најмногу влијаеше врз моето музичко оформување. Таа хармоника ја чувам и денес, а особено ми значи што на неа првпат засвире и мојот син.
Музиката во нашето семејство се пренесувала низ генерациите. Прадедо ми свирел кавал во почетоците на македонското радио, а по него традицијата ја продолжиле дедо ми и татко ми. Јас завршив нижо музичко училиште по хармоника во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ во Скопје. Од тој период го паметам и првиот настап во Универзалната сала, на детски фестивал што го водеше Папас-Џокси.
Кога се роди потребата таа музичка припадност да ја преточиш во проект со името „Македонска Хармоника“?
Марио Стојановски: Идејата произлезе од желбата нашата музика да добие свое препознатливо место меѓу изданијата посветени на хармониката. Постојат албуми што ја претставуваат француската, италијанската, полската и други национални традиции. Сакав на таков начин да биде претставена и македонската.
Имаме богато музичко наследство, но неговото пренесување бара континуирана работа. Со овие изданија сакам да придонесам кон тоа, а би ми било драго ако поттикнат и други хармоникаши да создаваат и да го развиваат овој музички израз.
Од толку многу народни песни, како одлучи кои ќе бидат на албумите?
Марио Стојановски: Се водев од сопствениот музички вкус, но поставив јасен критериум, поточно да бидат македонски народни песни без познат автор. Избрав и мелодии што публиката добро ги знае и песни за кои сметав дека заслужуваат повторно да се слушнат и да им се доближат на помладите.
Не можам да издвојам една како омилена. На секоја ѝ пристапив со исто внимание, а секоја на свој начин беше предизвик за обработка и изведба.
Кога нема глас што ќе го испее текстот, ниту друг инструмент што ќе те придружува, како ја раскажуваш песната преку хармониката?
Марио Стојановски: Најважно ми беше да го зачувам нејзиниот карактер. Во аранжманите внесов мали варијации и нови музички фрази, но внимателно, за песната да ја задржи својата автентичност.
Самата изведба на хармоника, без дополнителни инструменти и други музичари, веќе ѝ дава поинаква звучна форма. Сите аранжмани се мои, а зад нив стојат подготовка и многу вежбање. Тој процес траеше значително подолго од снимањето, кое го реализирав кај Марко Дениќ, мој долгогодишен колега и пријател.
Што би сакал да препознае млад слушател што ќе наиде на твоите изданија на некоја музичка платформа?
Марио Стојановски: Пред сè, би сакал да ја запознае нашата народна музика. Не мислам дека младите не ја сакаат, туку дека треба да се запрашаме колку им е пренесена и колку можности имаат да ја слушнат. Понекогаш недоволно ја познаваме, па ја мешаме со новокомпонираната музика.
Присуството на современите платформи е уште еден начин да ѝ го продолжиме животот. Албумите се достапни на Spotify, Apple Music, Deezer, TIDAL и YouTube Music, со што можат полесно да стигнат до различни слушатели. Но традицијата се одржува и преку секојдневниот однос кон неа, треба да ја свириме, да ја пееме и да ја пренесуваме.
Татко ти ти ја подарил првата хармоника, а ти на своите синови им посветуваш по еден албум. Што следува во оваа семејна и музичка приказна?
Марио Стојановски: Двата албума имаат посебно лично значење за мене, бидејќи на секој од моите синови му посветив по едно издание. Проектот е поврзан и со моите години активно музицирање на македонската естрада.
Планирам „Македонска Хармоника“ да продолжи со нови изданија. Повторно ќе се посветам на македонските народни песни, без жанровско разграничување. Сакам преку хармониката да ги доближам до што повеќе луѓе и да придонесам тие да продолжат да се слушаат.
