Слика на Мартиноски продадена девет пати над проценетата вредност

Уметничкото дело „Шахисти“ на македонскиот сликар Никола Мартиноски, создадено за време на неговиот престој во Париз, достигна цена од 44.000 евра на аукција во францускиот град Тулуз, иако првично било проценето на само 4.000 до 6.000 евра.

Уметничкото дело „Шахисти“ на македонскиот сликар Никола Мартиноски, создадено за време на неговиот престој во Париз, достигна цена од 44.000 евра на аукција во францускиот град Тулуз, иако првично било проценето на само 4.000 до 6.000 евра.

На аукцијата одржана на 14 октомври, во организација на аукциската куќа „Camille Chabroux Maison de ventes aux enchères“, делото предизвикало голем интерес кај колекционерите. Постигнатата цена е повеќе од седум пати повисока од горната граница на првичната проценка. Со дополнителните аукциски трошоци, купувачот за сликата платил околу 55.000 евра.

Сликата „Шахисти“ е масло на платно со димензии 50 на 73 сантиметри и потекнува од парискиот период на Мартиноски. Француското специјализирано списание „Gazette Drouot“, кое пред аукцијата објавило текст посветен на македонскиот уметник, наведува дека делото е потпишано и датирано во 1929 година.

Според францускиот медиум, сликата потекнува од колекцијата на пријателка на уметникот, а е создадена во периодот кога Мартиноски престојувал во Париз и бил во непосреден контакт со европските авангардни уметнички движења.

Информацијата за продажбата во македонската јавност ја објави Влатко Милошевски, истражувач и колекционер на уметнички дела, кој се занимава со проучување на сликари и нивното творештво поврзано со Македонија.

Никола Мартиноски (1903–1973) е еден од основоположниците на македонската модерна уметност и еден од најзначајните претставници на македонското сликарство во 20 век. Неговиот престој во Париз имал особено влијание врз формирањето на неговиот уметнички израз.

Продажбата на „Шахисти“ за 44.000 евра претставува значаен момент за меѓународната видливост на македонската ликовна уметност и покажува дека делата на македонските модернисти можат да привлечат сериозен интерес на европскиот уметнички пазар.


Настанот истовремено го отвора и прашањето за присуството на значајни дела од македонски автори во приватни колекции во странство и можностите тие да бидат откупени и претставени пред домашната публика.

е-Трн да боцка во твојот инбокс