Вечерва, на 18 октомври, протестите дополнително ескалираа откако беа запалени дел од полициска станица и влезот на Министерството за внатрешни работи. Демонстрантите продолжуваат да маршираат низ албанската престолнина, барајќи оставка од премиерот Еди Рама.
Според информациите на албанските медиуми објавени до 19:30 часот, демонстрантите фрлале молотови коктели кон полициската станица број 3 во Тирана, по што избувнал пожар во приземјето на објектот. На местото интервенирале пожарникари, додека полицијата се обидувала да ги потисне демонстрантите.
Набргу потоа бил запален и влезот на Министерството за внатрешни работи, а протестите продолжиле пред владината зграда. Полицијата употребила солзавец, а на терен биле ангажирани и специјални полициски единици.
Протестите, кои започнаа со студентски барања за подобри услови во образованието и пониски трошоци за студирање, прераснаа во пошироко антивладино движење. Демонстрантите ја обвинуваат владата за корупција, економска несигурност и недоволни можности за младите.
Во текот на денот беа забележани судири и пред седиштето на владејачката Социјалистичка партија, а повеќе улици во центарот на Тирана беа блокирани. Дел од демонстрантите фрлале камења, пиротехнички средства и молотови коктели, додека полициските сили интервенирале со водени топови и солзавец.
Според претходно објавените полициски податоци, во првите пет дена од протестите биле приведени 167 лица, а повредени 132 полицајци. Седум полициски службеници биле суспендирани поради сомневања за прекумерна употреба на сила.
Премиерот Еди Рама денеска повторно ги отфрли барањата за оставка, оценувајќи дека насилните протести не ја загрозуваат толку неговата влада колку европската иднина на Албанија.
Тој предупреди дека продолжувањето на немирите може да го загрози процесот на пристапување кон Европската Унија, а поради состојбата во земјата ја откажа и планираната средба со австрискиот канцелар.
И покрај полициските интервенции, младите демонстранти не се повлекуваат. Тие продолжуваат да се движат низ централните улици на Тирана со повици за оставка на Рама.
