Макрон проговори по хаосот во Франција: Радикалите се виновни, ќе има казни

Францускиот претседател Емануел Макрон вечерва се обрати до нацијата по најжестоките протести во Франција во последните години.

Францускиот претседател Емануел Макрон вечерва се обрати до нацијата по најжестоките протести во Франција во последните години. Тој порача дека насилството не може да биде оправдано, најави одговорност за лицата што учествувале во нападите и грабежите, но и транспарентни истраги за постапувањето на полицијата. Во меѓувреме, протестите продолжија и во неделата, а бројот на приведени надмина 2.000 лица.

По итниот состанок со премиерот Себастијан Лекорни, министрите и претставниците на безбедносните служби, Макрон се обрати до француската јавност во обид да одговори на кризата што ја зафати земјата.

Претседателот остро ги осуди нападите врз институциите, полициските службеници и приватниот имот, нагласувајќи дека правото на мирен протест мора да биде заштитено, но дека насилството и уништувањето не можат да бидат прифатени.

Тој предупреди дека сите што се обиделе да ги поткопаат институциите на Републиката ќе мора да одговараат за своите постапки.

Макрон ја обвини радикалната левица за насилството

Во своето обраќање францускиот претседател обвини радикални левичарски групи и криминални структури дека ги искористиле масовните демонстрации за предизвикување хаос.

Тој посебно се осврна на нападите врз јавните објекти, меѓу кои и пожарот во историското градско собрание во Лимож, нападите врз институции во Марсеј и Бордо, како и уништувањето на туристичката канцеларија во Лион.

Макрон, сепак, направи разлика меѓу мирните демонстранти и групите што предизвикувале насилство, признавајќи дека незадоволството на младите од условите во образованието и животните трошоци претставува реален општествен проблем.

Според шпанскиот „Ел Паис“, тој ја критикувал и левичарската партија „Непокорна Франција“, обвинувајќи ја дека придонесува за политичките тензии.

Најавени истраги за полицијата и помош за оштетените

Макрон ветил транспарентност во истрагите за полициските интервенции, кои предизвикаа дополнителни реакции по повредувањето на демонстранти.

Истовремено, премиерот Лекорни треба да раководи со кризен механизам за итна поддршка на граѓаните, трговците и локалните заедници погодени од насилството.

Според податоците на француските власти, за време на протестите се повредени стотици полициски службеници и припадници на итните служби, а оштетени или ограбени се голем број продавници и јавни објекти.

Над половина милион демонстранти, протестите продолжуваат

Според официјалните податоци, во саботните протести низ Франција учествувале околу 550.000 луѓе, додека организаторите проценуваат дека бројот достигнал 800.000.

Во неделата повторно имаше тензии на Плоштадот на Републиката во Париз, каде што полицијата употреби солзавец за растерување на демонстрантите. Дел од присутните фрлале предмети кон полицијата и се обидувале да запалат канти за отпадоци и велосипеди.

Протестите започнаа како незадоволство на средношколците и студентите поради условите во образовните институции, но постепено прераснаа во пошироко движење против високите животни трошоци, економската несигурност и владините политики.


Обраќањето на Макрон доаѓа во момент на сериозни политички притисоци врз француската влада, додека опозицијата бара одговорност од министерот за внатрешни работи Лоран Нуњез.

е-Трн да боцка во твојот инбокс