Марија Ристовска: Родовата еднаквост не е женско прашање, туку бизнис стратегија

Марија Ристовска, раководителка на GEA и проектен менаџер во АЕТМ, во интервју за Трн зборува за родовата еднаквост, лидерството, жените во бизнисот, дигиталниот сектор и предизвиците со кои сè уште се соочуваат.

Во време кога сè повеќе компании зборуваат за еднакви можности, прашањето е колку тие навистина постојат во пракса. Зошто жените и понатаму се поретко на лидерски позиции? Дали родовата еднаквост е општествена вредност или неопходна бизнис стратегија? И што треба да се промени за талентот, а не полот, да биде пресуден за успехот?

За овие теми разговараме со Марија Ристовска, раководителка на Gender Equality Alliance (GEA) и проектен менаџер во Асоцијацијата за е-трговија на Македонија (АЕТМ). Таа зборува за несвесните предрасуди што сè уште ја обликуваат работната средина, за самодовербата како најголем предизвик за многу жени и за тоа зошто родовата еднаквост не е само прашање на човекови права, туку и предуслов за поконкурентна економија и подобар бизнис.

Трн: Каде мислиш дека најмногу „се крши“ родовата еднаквост во македонските компании денес?

Maрија: Мислам дека родовата еднаквост денес најмалку се крши во политиките, а најмногу во навиките. Во многу компании правилата изгледаат еднакви за сите, но секојдневните одлуки не секогаш се. Кого ќе предложиш за унапредување? Кого ќе поканиш на состанок каде што се носат важни одлуки? Кому ќе му довериш најголем проект? Токму во тие мали, секојдневни одлуки се создаваат или се губат можностите. 

Прашањето не е дали жените ќе добијат работа, туку дали ќе добијат еднаква можност да влијаат, да бидат слушнати и да напредуваат. Токму тие, на прв поглед мали одлуки, ја обликуваат организациската култура и одредуваат кој ќе добие можност да расте.

Трн: Дали мислиш дека родовиот јаз е повеќе културен или системски проблем и зошто, според тебе, жените сè уште се реткост на раководни позиции?

Maрија: Од жените сè уште се очекува да бидат одлични професионалци, одлични мајки, секогаш достапни, секогаш смирени… И тоа влијае и врз нивната самодоверба. Често се цитира едно истражување на Hewlett-Packard според кое мажите аплицираат за нова позиција кога исполнуваат околу 60% од условите, додека жените најчесто чекаат да ги исполнуваат речиси сите. И без разлика дали тие проценти се 60, 70 или 100, пораката е иста, а таа е дека жените многу почесто чувствуваат дека мора целосно да се докажат пред да си дадат шанса самите на себе.

Тоа го гледаме и кај нас. Во разговорите со многу жени, честопати најголемата пречка не е некој што ќе им каже „не можеш“, туку внатрешниот разговор што го водат самите со себе: „Дали сум доволно добра?“, „Како ќе изгледа ако бидам единствената жена на состанок со петмина директори?“, „Како ќе ја усогласам оваа позиција со семејните обврски?“. Тие дилеми не се знак на недостаток на амбиција, туку одраз на очекувањата што општеството со години ги поставува пред жените.

Но, добрата вест е што ова постепено се менува. Сè повеќе компании разбираат дека разновидните лидерски тимови носат поквалитетни одлуки, повеќе иновации и подобри бизнис резултати. Не затоа што жените се подобри лидери од мажите, туку затоа што различните перспективи создаваат подобри тимови и подобар бизнис.

Трн: Си се соочила ли лично со ситуација каде твојот авторитет бил доведен во прашање поради пол?

Maрија: Да, ми се случило. На пример, сум организирала состанок, сум ја иницирала соработката и сум ја водела целата комуникација, а кога ќе седнеме на маса, иако јас сум ја договорила средбата, прашањата и разговорот спонтано почнуваат да се насочуваат кон мојот машки колега. Не мислам дека тоа секогаш е намерно, но е добар пример како несвесните предрасуди сè уште влијаат на начинот на кој комуницираме и кому му даваме авторитет.

Затоа мислам дека е важно повеќе да зборуваме за несвесните предрасуди. Најчесто тие не доаѓаат од лоша намера, туку од навики и модели на однесување што со години сме ги прифатиле како нормални. А промената започнува токму тогаш кога ќе станеме свесни за нив.

Со текот на времето научив дека не можам да контролирам какви претпоставки ќе имаат луѓето за мене, но можам да контролирам какви резултати испорачувам. Денес многу повеќе ми е важно да ме препознаваат по вредноста што ја создавам, отколку по титулата што ја носам.

Трн: Кои вештини ги сметаш за клучни за млади жени кои сакаат да влезат во дигиталниот сектор?

Maрија: Би рекла дека тоа се способноста за брзо учење, прилагодување и соработка со луѓето околу себе. Искрено, мислам дека токму способноста за добра соработка е една од најпотценетите вештини денес. Најголемите успеси ретко се резултат на работата на еден човек, туку на добар тим.

Живееме во време кога AI и новите технологии го менуваат начинот на кој работиме речиси секој месец. Затоа најголема предност ќе имаат луѓето кои не се плашат од промени, знаат да поставуваат добри прашања, критички да размислуваат и постојано да учат.

Дипломата денес е само почеток. Континуираното учење ќе биде најважната конкурентска предност, бидејќи технологијата ќе продолжи да се менува, но љубопитноста, адаптибилноста и желбата за развој секогаш ќе бидат вредни.

Трн: Дали компаниите во Македонија навистина сакаат промена или тоа сè уште е „PR тема“?

Maрија: Пред неколку години ќе кажев дека кај дел од компаниите ова навистина беше повеќе PR тема. Денес гледам поинаква слика. 

Преку Gender Equality Alliance – GEA работиме со компании од различни индустрии и денес разговорите повеќе не се водат околу тоа дали родовата еднаквост е важна, туку како да се создаде подобра организациска култура, како да се привлечат и задржат талентите и како да се измери влијанието на тие политики. Тоа покажува дека темата созрева. Вистинската промена започнува тогаш кога еднаквоста на работното место повеќе не е само иницијатива на HR секторот, туку станува дел од бизнис стратегијата и одговорност на целото раководство. Тогаш таа престанува да биде PR и станува начин на кој компанијата функционира.

Инаку сметам дека компаниите не инвестираат во еднакви можности затоа што тоа е тренд или затоа што некој го очекува од нив. Го прават тоа затоа што разбираат дека така полесно привлекуваат и задржуваат квалитетни луѓе, носат подобри одлуки и градат поконкурентни и поуспешни организации.

Трн: Како мислиш дека ќе изгледа работната средина за жени во Македонија за 10 години?

Верувам дека за десет години ќе зборуваме многу помалку за тоа дали жените можат да бидат лидери, а многу повеќе за тоа какви лидери ни требаат. Работната средина ќе биде многу пофлексибилна, а технологијата ќе промени голем дел од секојдневните задачи. Вештачката интелигенција ќе автоматизира многу процеси, но нема да ги автоматизира емпатијата, лидерството, креативноста, етичкото одлучување и способноста да инспирираш и да градиш доверба и затоа сметам дека тие човечки вештини ќе стануваат сè повредни. Целта не е еден ден да зборуваме повеќе за жените лидери. Целта е воопшто да не мора да зборуваме за полот, туку само за квалитетот на лидерството.

Трн: Што мора прво да се смени за да имаме еднакви можности во пракса, не само на хартија?

Maрија: Мислам дека мора да престанеме да ги мериме луѓето според тоа колку долго седат во канцеларија, а да почнеме да ги мериме според вредноста што ја создаваат. Кога компаниите навистина ќе почнат да ги избираат најдобрите луѓе, а не оние што најмногу одговараат на некој стереотип, тогаш ќе можеме да кажеме дека еднаквоста постои и во пракса, а не само на хартија.

Трн: Кој е најголемиот мит за жените во бизнис кој сè уште постои?

Maрија: Мислам дека еден од најголемите митови што сè уште постои е дека жените не се добри лидери туку дека се премногу емотивни, не носат доволно брзи или храбри одлуки и дека потешко се справуваат со притисок. Тоа се стереотипи кои одамна се побиени со праксата и со истражувањата.

Истражувањата на McKinsey & Company покажуваат дека компаниите со поголема родова разновидност во лидерските тимови имаат поголема веројатност да остварат подобри финансиски резултати. Дополнително, анализите на Harvard Business Review покажуваат дека жените често добиваат повисоки оценки за лидерски компетенции како интегритет, соработка, развој на луѓе и отпорност.

Но, за мене најважната порака е дека лидерството нема пол. Не постојат „машки“ и „женски“ лидерски квалитети. Постојат добри и лоши лидери – и мажи и жени. Најуспешните организации се оние што ги препознаваат и развиваат најдобрите луѓе, без разлика на полот.

Трн: Ако треба да им дадеш една порака на младите жени што се плашат да започнат кариера, што би им кажала?

Maрија: За мене, најсилната форма на еднаквост е економската независност. Кога една жена има свое знаење и сопствени приходи, тогаш има и слобода да носи одлуки – каде ќе работи, како ќе го води својот живот и што ќе прифати, а што нема да прифати. Кога сте економски независни, некој друг повеќе не ги носи најважните одлуки наместо вас. Затоа, кариерата не ја гледам само како професионален успех, туку како инвестиција во сопствената иднина.

Не чекајте да се почувствувате 100% подготвени да започнете. Најголемите можности во мојата кариера не дојдоа кога мислев дека знам сè, туку кога прифатив предизвик и учев во процесот. Најчесто, единствената личност од која ви треба дозвола за следниот чекор сте самите вие.

Самодовербата не доаѓа пред првиот чекор, туку се гради со тек на времето, кога еден ден ќе погледнете наназад и ќе сфатите колку далеку сте стигнале и колку работи сте постигнале што некогаш ви изгледале невозможни.

И уште нешто што јас го научив е дека кариерата не е натпревар со другите, туку постојан процес на надминување на самите себе. Најдобрата инвестиција што можете да ја направите е инвестицијата во сопственото знаење, бидејќи тоа е нешто што никој не може да ви го одземе.

Трн: Зошто е родовата еднаквост важна за бизнисот?

Често кога ќе се спомне родова еднаквост, луѓето мислат дека тоа е тема што ги засега само жените. Јас не гледам така на ова прашање. За мене, ова е прашање на економски развој и конкурентност.

Ако не успеваме целосно да го искористиме потенцијалот на пола од работоспособното население, тогаш губат компаниите, губи економијата и губиме сите ние. Податоците на ДЗС покажуваат дека во 2023 година повеќе од секоја втора жена во Северна Македонија била економски неактивна (57,2%). Тоа не значи дека нема знаење, амбиција или потенцијал, туку дека сè уште не успеваме целосно да ги вклучиме жените на пазарот на труд.

Во услови кога компаниите сè потешко наоѓаат квалификуван кадар, а земјата се соочува со одлив на таленти и недостиг на работна сила, не можеме да си дозволиме толкав дел од домашниот потенцијал да остане неискористен.

Затоа родовата еднаквост не е само општествена вредност, таа е и паметна бизнис стратегија. Компаниите не победуваат затоа што имаат повеќе жени или повеќе мажи. Победуваат затоа што знаат да го препознаат, развијат и задржат најдобриот талент. Тие компании ќе бидат поиновативни, поконкурентни и поуспешни во иднина.

е-Трн да боцка во твојот инбокс