Пожари беснеат околу Атина: Евакуација на пет населби, ангажирани авиони и десетици пожарникари

Пожари избувнаа во повеќе области во близина на грчката престолнина, а властите издадоа предупредувања за евакуација поради опасноста од ширење на огнот.

Големи пожари избувнаа во повеќе области во близина на Атина, поради што грчките власти наредија евакуација на пет населби. Пожарите се активни југоисточно од главниот град, но и во близина на поморската база на островот Саламина. Според грчкиот весник „Катимерини“, властите за цивилна заштита испратиле предупредувања директно на мобилните телефони на жителите во загрозените подрачја.

Најголемата интервенција се одвива во близина на Лаврио, југоисточно од Атина. Таму се ангажирани повеќе од 70 пожарникари и 23 противпожарни возила, со поддршка од пет авиони за гаснење пожари. Предупредување за евакуација било испратено и до жителите на Елинико, каде што пожарот избувнал во близина на поморската база. На терен се ангажирани околу 80 пожарникари со 25 противпожарни возила, а во гаснењето од воздух учествуваат шест авиони.

Иако пожарот се приближил до воениот објект, претставници на грчката морнарица соопштиле дека поморската база не била загрозена.

Пожари и на Саламина

Пожарот што избувнал на островот Саламина предизвикал дополнителна мобилизација на спасувачките служби. Екипи на грчкиот Црвен крст биле испратени на терен за да им помогнат на пожарникарите и да обезбедат прва помош и поддршка. Во гаснењето на пожарите во различни делови на земјата се користат и авиони и хеликоптери за гаснење од воздух. Засега нема информации за повредени лица или материјална штета.

Висок ризик од нови пожари

Грчките власти го подигнаа нивото на опасност од пожари на четврта категорија на повеќе јонски острови, меѓу кои Крф, Закинтос, Кефалонија и Лефкада. Ризикот останува висок во голем дел од Грција поради сушата и високите температури. Земјата се соочува со топлотен бран со температури кои достигнуваат до 40 степени Целзиусови, а според прогнозите, топлото време би требало да продолжи и во наредните денови.

е-Трн да боцка во твојот инбокс