Македонската печалба е постара од државата и ја надживеа секоја власт под која сме живееле: османлиската, кралската, социјалистичката, па и онаа во самостојна, демократска и суверена Македонија. Со векови луѓето од овие краишта заминуваа поради истите две причини, сиромаштијата и власта, и со векови се враќаа. Денес заминуваат поради истите причини. Само што сега билетот е во еден правец.
„Печалбари“ на Панов: синот тргнува по патот на кој умрел таткото
Во март 1936 година скопската публика за првпат ја гледа драмата „Печалбари“ од Антон Панов. Главниот лик, Костадин, е син на човек што умрел на печалба и не сака да го повтори неговиот пат. Сиромаштијата и долгот сепак го испраќаат во Белград, од каде што повеќе не се враќа. Кога неговиот другар ги носи парите дома, малиот син на Костадин го прегрнува, мислејќи дека тоа е татко му.
Кај Панов печалбата не е авантура, туку долг што се наследува. Деведесет години подоцна, печалбарите не одат пешки до Белград, туку патуваат со авион и работна виза, но и тие заминуваат поради истото: дома не можат да го заработат тоа што им треба за живот. Сите имаме по некој што заминал надвор и сега го гледаме на фотографии од излети и одмори таму каде што живее. На сликите сите се насмеани.

Во османлиско време печалбата ја раѓаа неплодната земја и даноците на власта
Првата причина била земјата. Планинските краишта на западна Македонија не можеле да ги прехранат сите што живееле во нив. Османлиските власти и самите го признавале тоа: во нивните регистри Крушево е опишано како карпесто и неплодно место, кое ги принудувало жителите да заминуваат на работа надвор. Втората причина била власта, бидејќи вонредните воени даноци со текот на времето станале постојани, а христијанското население плаќало повеќе и трпело дискриминација, наведува „Историја на македонскиот народ“.
Печалбата се родила од двата притисоци заедно: од она што земјата не го давала и од она што власта го земала. Но тогаш таа не била бегство од државата, туку начин да се преживее во неа. Мажот заминувал за семејството да може да остане, а парите од туѓина се враќале во селото. Денешното иселување ја превртува таа логика: се заминува за да се живее надвор, а не за да се опстане дома.
Мијачките тајфи заминуваа во пролет, а Галичник ги дочекуваше на Петровден
Мијаците од Река, по долините на Радика и Мала Река, на печалба заминувале поединечно или организирани во групи наречени тајфи, наведува етнологот Боре Неделковски. Во тајфите оделе ѕидари, копаничари, зографи, терзии и млекари, секој со својот занает. Петко Христов, кој ја проучувал печалбата и кај Мијаците, пишува дека градежните мајстори од балканските планини патувале од рана пролет до доцна есен, а некои отсуствувале и по неколку години. Нивните патишта воделе кон големите градови на империјата, од Солун до Цариград.
Враќањето имало свој календар. Во Галичник, мијачкото село на Бистра, главните свадбени обреди се одржувале на Петровден, во средината на летото, кога мажите биле дома. Од парите донесени од печалба и од сточарството се граделе куќите што денес се заштитено културно наследство. Христов пишува дека во планинските краишта на западна Македонија печалбата создала цврст ритуал, кој го обликувал и животот на оние што останувале да чекаат.

Денес од земјата тераат политичката несигурност, партиските привилегии и европската чекална
Во шеесеттите години печалбарите од Југославија тргнаа кон Германија според договорите за гастарбајтери, а многумина почнаа таму и да остануваат. Денес тој правец е уште поширок, а причините повторно се две, економска и политичка, само што политичката сега тежи повеќе. Земјата е кандидат за Европската Унија од 2005 година и речиси цело време живее во криза: спорот за името, прислушувањата, упадот во Собранието, бугарското вето. Кој не може да планира пет години однапред, бара место каде што може.
Европската Унија тука не е невин набљудувач. Грција и Бугарија со години го блокираа почетокот на преговорите, а во 2019 година, веднаш по промената на уставното име, вето стави и Франција. Германските автори на студијата на Фондацијата Хајнрих Бел отворено го именуваат двојниот аршин: државите што имаат корист од иселувањето од Западен Балкан се истите што бараат реформи од земјите што остануваат без луѓе.
Дома, патот до сигурна работа поминува низ партиска книшка, и тоа под сите влади од независноста наваму. Уште во 2017 година речиси половина од испитаниците во анкетата на М-проспект одговорија дека во Македонија не може да се напредува со напорна работа. Во анкетата на Аналитика меѓу 304 млади, спроведена во 2025 година, речиси две третини одговорија дека корупцијата ги тера младите да ја напуштат државата, а над 60 отсто ја посочија партизацијата на институциите како нејзина главна причина.
Кога нема одговор за платите, болниците и училиштата, политиката посегнува по идентитетот. Името, јазикот и историјата стануваат страшило со кое се мобилизира, наместо програма со која се владее. Фондацијата Бел предупредува дека заминувањето на политички ангажираните и демократски ориентираните луѓе им остава простор на националистичките наративи. Така кругот се затвора: национализмот ги тера луѓето, а нивното заминување го храни национализмот.
Од земјава си одат и занаетчиите и интелектуалците
Земјата чии тајфи некогаш граделе низ империјата денес нема доволно мајстори. Работодавачите се жалат на недостиг на градежници, електричари, водоинсталатери и возачи, бидејќи голем дел од нив заминале таму каде што трудот подобро се плаќа. Празнината се пополнува со увоз: за 2026 година Владата определи квота од 10.000 дозволи за странски работници, а Непалци, Бангладешани и Филипинци денес ги гледаме на градилиштата, во рестораните и во доставата. Синдикатите предупредуваат дека за дел од нив Македонија е само прва станица на патот кон Западна Европа. Сега и ние сме нечија печалба.
На другиот крај се оние што заминуваат со диплома. Високообразованите почесто одат прекуокеански, во САД, Канада и Австралија, наведува Европската фондација за обука. Најскапо е заминувањето на лекарите: според проценките објавени во домашните медиуми, во последната деценија заминувале по околу 200 лекари годишно, речиси колку што секоја година дипломираат на медицина. Државата ги школува, а други ги вработуваат. Студентите што студираат надвор се најтивката група, затоа што не заминуваат од работа, туку пред воопшто да ја почнат.

Галичник се испразни кон Скопје, а сега земјата се празни кон Германија
Во јули Галичник се полни со автомобили со скопски таблици. Возачите се внуци и правнуци на Галичани кои заминале на печалба, а потоа се спуштиле во градот и останале таму. Тоа бил првиот чекор: селото се испразни кон Скопје. Пописот од 2021 година го покажа исходот, бидејќи Скопје има повеќе жители отколку во 2002 година, а 60 од 80 општини значително се намалиле.
Сега се празни целата земја. Годинава во прво одделение се запишаа околу 14.500 деца, над 4.000 помалку од лани, а Владата очекува 26 селски училишта да се затворат бидејќи немаат ниту едно првачe. Од јануари 2027 година Германија ја преполовува квотата за работници од Западен Балкан, но аналитичарите во регионот оценуваат дека тоа нема да го запре иселувањето, туку само ќе го пренасочи.
Костадин заминал за да може неговото семејство да остане. Денес заминува целото семејство. На Петровден во Галичник доаѓаат гости, не печалбари.
