Исланд овој викенд ќе се изјаснува за продолжување на процесот на пристапување кон Европската Унија, а во Брисел се надеваат на позитивен исход. За ЕУ, евентуалното враќање на Исланд кон членството би имало и геополитичко значење, особено во актуелниот безбедносен контекст.
Исланд веќе е тесно поврзан со Унијата. Земјата е дел од европскиот внатрешен пазар преку Европската економска област, а истовремено е и членка на Шенген-зоната. Во голем број области, од демократијата и владеењето на правото до еднаквите права и зелената енергија, Исланд е во голема мера усогласен со европските стандарди. Токму поради тоа, актуелната еврокомесарка за проширување, Марта Кос, го опишува Исланд како специфичен случај во однос на останатите земји-кандидати.
„Ако народот се одлучи да продолжат со процесот на пристапување, тоа ќе биде поинаква ситуација отколку со која било друга земја-кандидат. Никогаш досега не сме имале толку усогласена земја“, вели Кос.
Исланд еднаш веќе се откажа
Исланд претходно започна преговори за членство, но во 2013 година процесот беше прекинат. Тогашниот еврокомесар за проширување, Штефан Филе, изјави дека ЕУ ја почитува одлуката, но дека вратата за повторно отворање на процесот останува отворена. Повеќе од една деценија подоцна, Исланд повторно се наоѓа пред одлука дали да тргне кон членство.
За Брисел, тоа би било значаен успех и во контекст на долгогодишното застојување на проширувањето. Хрватска, која последна ѝ се приклучи на Унијата, стана членка во 2013 година, додека пристапните процеси со повеќе земји, особено од Западен Балкан, се одолговлекуваат со години.
Евентуалното членство на Исланд би значело и враќање на една западноевропска земја во европскиот проект по повеќе од три децении.
Риболовот – најчувствителното прашање
Најголемиот предизвик во евентуалните преговори би можел да биде риболовот. Темата беше една од причините поради кои во претходниот процес не беше постигнат напредок. Рибарството има огромно економско, но и културно значење за Исланд, па секој договор со ЕУ ќе мора да ги земе предвид специфичностите на земјата.
Кос сигнализира дека Брисел е подготвен внимателно да го разгледа прашањето.
„Свесни сме за важноста на риболовот за Исланд и не само за вашиот просперитет, туку и за вашиот живот како заедница, за вашиот идентитет“, порача таа, додавајќи дека ЕУ има способност да наоѓа решенија и за најтешките прашања.
Зошто Исланд сега е важен за Европа?
Покрај економските и институционалните аргументи, во Брисел сè погласно се истакнува и геополитичката позиција на Исланд. Земјата се наоѓа во стратешки важен дел од Северниот Атлантик, во близина на арктичкиот регион, што ѝ дава дополнително значење во услови на зголемени безбедносни тензии и променети геополитички односи.
„Знаете што значи да се биде таму горе, соочен со различни влијанија во околината. Со тоа може да се придонесе и за безбедноста на ЕУ“, порача Кос.
Така, евентуалното „да“ на Исланѓаните не би било само одлука за продолжување на европската интеграција. За Брисел, тоа би можело да биде и сигнал дека проширувањето на Унијата повторно добива политички и геополитички замав.
Извор: АРД