Авион се урна врз булевар во Мексико една минута по полетувањето, загинаа две лица

Мал авион од типот „Цесна 210“ се урна во населено место веднаш по полетувањето од аеродромот во сојузната држава Идалго.

Две лица загинаа при пад на мал авион врз фреквентна сообраќајница во Мексико, само шеесет секунди по полетувањето од националниот аеродром во Пачука. Леталото „Цесна 210“ на компанијата „Групо Аероеспасијал Авспејс“ се урнало во населбата Вента Приета додека летало кон меѓународниот аеродром Куернавака, соопшти мексиканската Федерална агенција за цивилно воздухопловство (АФАК).

Несреќата се случила во 9:30 часот по локално време, за време на почетното искачување на авионот. Леталото паднало директно на булеварот Тезонтле, на околу 500 метри надвор од аеродромскиот појас.

На местото на падот веднаш пристигнале екипите на итната медицинска помош и противпожарните служби од Пачука. Двете лица кои биле во авионот починале на самото место.

Федералната агенција за цивилно воздухопловство започна истрага за утврдување на точните причини за падот. „Цесна 210“ е едномоторен авион што масовно се користи за приватен и деловен транспорт.


Инспекторите вршат увид на теренот за да утврдат дали падот настанал поради ненадеен дефект на моторот или неповолни струења на воздухот при полетувањето. Официјалните служби досега не наведоа повредени граѓани на земја, ниту сериозни оштетувања на околните станбени згради и автомобили.

е-Трн да боцка во твојот инбокс