Македонскиот уметник Сергеј Андреевски го претстави своето творештво пред учениците на средното уметничко училиште во Либерец, Чешка. Во рамки на гостувањето, Андреевски сликаше во живо, додека неговата работа беше проследена со музичка придружба на гитара од професорот Јиржи Принц. По уметничката изведба, тој одговараше на бројните прашања од љубопитните ученици.
Во училишното студио за сито-печат, македонскиот уметник демонстрираше и дел од својот пристап кон спонтаното создавање графика, овозможувајќи им на учениците непосредно да се запознаат со неговиот творечки процес.
Гостувањето продолжи и во училишниот поткаст, каде Андреевски зборуваше за своето сликарско искуство, уметничките почетоци и значењето на мисијата да се биде уметник во современиот свет. Во разговорот ја претстави и македонската култура.
Ова е прво претставување на Сергеј Андреевски во Чешката Република. Настанот е реализиран на иницијатива на меѓународно етаблираната фотографка Јана Хунтрова, која предава фотографија и аудиовизуелни техники во училиштето.
