Вкупно пет македонски семејства досега побарале асистенција за евакуација од подрачјата засегнати од шумските пожари во Грција, потврдуваат од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија (МНРиНТ). Според податоците од генералниот конзулат во Солун, сите граѓани во координација со грчките служби се упатени кон најблиските одредени безбедни точки каде што им е обезбедено сместување заедно со останатите евакуирани туристи.
Пожарот што го зафати регионот на Халкидики наложи итна интервенција на локалните власти и згрижување на голем број туристи. Македонските државјани кои се затекнаа во загрозените зони стапија во контакт со дипломатско-конзуларното претставништво во Солун. Сите пет семејства се пренасочени кон соодветните собирни центри и прифатни локации организирани од грчката противпожарна служба и локалната самоуправа.
Министерството упати апел до сите македонски граѓани кои престојуваат во погодените региони внимателно да ги следат упатствата на локалните власти. За каква било потреба од помош, граѓаните можат да се обратат на дежурниот телефон во Скопје (+389 75 268 736) или на електронската адреса globalsos@mfa.gov.mk. Дополнително, за итни случаи во Грција достапни се и телефонските броеви на Конзулатот во Солун (+30 694 526 8068 и +389 71 323 001).