Македонската книжевност оди во Франкфурт: „Читај во 7/8“ повторно ги носи македонските автори пред светот

На 78. Саем на книгата во Франкфурт македонските издавачи ќе ги претстават современата книжевност и литературата за деца, со посебен фокус на преводите и можностите македонските автори да стигнат до странски издавачи.

Македонската книжевност повторно ќе биде претставена на Саемот на книгата во Франкфурт, еден од најзначајните светски настани за издавачката индустрија, кој од 7 до 11 октомври ги собира издавачите, авторите, литературните агенти, преведувачите и професионалците од книжевниот и креативниот сектор од целиот свет.

Македонската асоцијација на издавачи (МАИ) годинава го продолжува континуираното присуство на македонската книжевност во Франкфурт, но со освежен изглед на националниот штанд, поголем број книги и автори и појасно структурирана понуда насочена кон меѓународниот издавачки пазар.

И годинава останува препознатливиот концепт „Читај во 7/8“, кој МАИ го воспостави минатата година како идентитет на националниот настап во Франкфурт. Ритамот 7/8, карактеристичен за македонската музичка традиција, во книжевниот контекст е замислен како метафора за литература со сопствен ритам и препознатлив глас.

Во фокусот ќе бидат современата македонска книжевност и литературата за деца, но и можностите за поддршка на нови преводи и изданија во странство. Особен акцент ќе биде ставен на финансиската поддршка за превод и објавување на дела од македонски автори на други јазици, а на саемот МАИ ќе го промовира и актуелниот конкурс на Министерството за култура и туризам за финансирање преводи на странски јазици.

Претседателот на Македонската асоцијација на издавачи, Бојан Саздов, вели дека настапот во Франкфурт не треба да се гледа како краткотрајна презентација, туку како процес што се гради од година во година. Според него, во изминатиот период биле поставени основите преку препознатлив концепт, каталози со македонската книжевност и директни контакти со меѓународниот издавачки сектор.

„Годинава одиме чекор понатаму: со повеќе книги и автори, со јасно структурирана понуда и со конкретни можности за финансиска поддршка на преводите и странските изданија. Нашата цел е интересот за македонските автори да го претвораме во конкретни преводи, изданија на други јазици и долгорочни партнерства“, истакнува Саздов.

Македонската делегација ја сочинуваат претставници на издавачките куќи членки на МАИ, кои претставуваат значаен дел од македонскиот издавачки сектор. На саемот тие ќе ги претставуваат своите издавачки програми, но и авторите и делата застапени во каталозите, со цел да се отворат можности за преводи, продажба на авторски права и соработка со странски издавачи.

Саемот на книгата во Франкфурт е едно од клучните места за меѓународната издавачка индустрија, особено за трговијата со авторски права и книжевни содржини, професионалните средби и создавањето нови партнерства. На годинашното, 78. издание, земја почесен гостин е Чешка.

Од МАИ нагласуваат дека петте саемски денови се само еден дел од пошироката мисија за меѓународна промоција на македонската книжевност. Целта е преку континуирано присуство, градење контакти и долгорочни партнерства македонските автори и нивните приказни да стигнат до сè повеќе читатели и на сè повеќе јазици.

Националното претставување на македонската книжевност на Саемот на книгата во Франкфурт се реализира со поддршка на Министерството за култура и туризам.

е-Трн да боцка во твојот инбокс