Жан-Лук Пикард – „Make it so“ за последен пат

Британскиот актер, кого генерации гледачи го паметат како капетанот Жан-Лик Пикард од „Ѕвездени патеки“ и професорот Чарлс Ксавиер од „Икс-мен“, почина на 86-годишна возраст. Зад иконата од вселената стоеше шекспировски актер, момче од работничко семејство и човек што со децении јавно зборуваше за семејното насилство на кое сведочел како дете.

Патрик Стјуарт почина на 86 годинишна возраст во својот дом во Лос Анџелес, соопшти неговото семејство. Според изјавата објавена на неговите официјални профили на социјалните мрежи, актерот починал по краток, но тежок период со Алцхајмерова болест и деменција. Последните мигови ги поминал опкружен со семејството и пријателите, а семејството, наместо цвеќе, побарало донации за истражување на Алцхајмеровата болест при „Џонс Хопкинс“ и за поддршка на негувателите преку Алцхајмеровата фондација на Америка.

Стјуарт беше во брак со американската пејачка и авторка Сани Озел од 2013 година и зад себе остава две деца.

За милиони луѓе ширум светот тој засекогаш ќе остане Жан-Лук Пикард, капетанот на ѕвездениот брод „Ентерпрајз“ во серијата „Ѕвездени патеки: Следната генерација“, која се емитуваше од 1987 до 1994 година. Подоцна се врати во четири играни филмови, а речиси две децении подоцна и во серијата „Ѕвездени патеки: Пикард“.

Пикард не беше класичен херој на вселенска авантура. Наместо прво да пука, тој преговараше, ги цитираше Шекспир и класичните автори, пиеше чај „Ерл Греј“, свиреше на флејта и ги носеше одлуките откако ќе ја сослушаше својата посада. Неговите кратки наредби „Make it so“ и „Engage“ станаа дел од поп-културата. Епизодите во кои беше заробен и асимилиран од Борг, како и онаа во која кардасијански испитувач го мачеше обидувајќи се да го натера да признае дека гледа пет светла наместо четири, останаа меѓу најпаметените моменти во телевизиската научна фантастика.

Пикард беше капетан за времето во кое публиката почна да верува дека лидерството не мора да значи сила и авторитарност, туку може да се темели на разум, емпатија и морален интегритет.

Капетанот што речиси не го доби „Ентерпрајз“

Иронијата е што Стјуарт речиси и не стана Пикард. Според приказната што често се прераскажува, Џин Роденбери, творецот на „Ѕвездени патеки“, првично тешко можел да замисли ќелав британски театарски актер како капетан на „Ентерпрајз“. Стјуарт останал без коса уште во доцните тинејџерски години и со децении слушал дека тоа ќе му ја ограничи кариерата.

Наместо пречка, неговиот изглед стана дел од неговиот препознатлив идентитет. Ќелавата глава, продорниот глас и смиреното присуство придонесоа Пикард да стане еден од најпрепознатливите капетани во научната фантастика. Со текот на времето, Стјуарт со хумор зборуваше и за тоа како неговиот изглед станал симбол на авторитет за цела генерација мажи.

Од Шекспир до професорот Ксавиер

Пред Холивуд, Стјуарт беше пред сè театарски актер. Роден во 1940 година во Мирфилд, Јоркшир, во скромно работничко семејство, тој ја открил сцената уште како момче. Во 1966 година се приклучил на Кралската шекспирова компанија, каде што во следните години ги толкувал големите ликови од класичната драматургија.

До крајот на животот ѝ остана верен на сцената. Настапуваше во самостојни изведби на „Божиќна приказна“ од Чарлс Дикенс, а во претставата „Чекајќи го Годо“ играше заедно со својот долгогодишен пријател Ијан Мекелен. Нивното пријателство и актерско партнерство добија и филмска димензија: Стјуарт го играше телепатскиот професор Чарлс Ксавиер, додека Мекелен го толкуваше неговиот пријател и противник Магнето во филмовите „Икс-мен“.

Во 2010 година Стјуарт беше прогласен за витез за придонесот кон драмската уметност. За време на пандемијата во 2020 година, кога театрите беа затворени, секој ден читаше по еден Шекспиров сонет на социјалните мрежи. За многумина, тој мал ритуал стана утеха во месеците на изолација.

Детството што го обликуваше човекот зад капетанот

Но можеби најважното нешто што Стјуарт го направи надвор од сцената беше тоа што отворено зборуваше за своето детство. Во повеќе наврати раскажуваше дека неговиот татко, поранешен војник, бил насилен кон неговата мајка. Како дете гледал како полицијата и соседите го игнорираат насилството, оправдувајќи го со објаснувањето дека станува збор за семејна работа.

Подоцна дознал дека татко му се соочувал со тешки воени трауми. Сопственото искуство го поттикнало Стјуарт да ги поддржува организациите што им помагаат на жртвите на семејно насилство, како и оние што работат со ветерани со посттрауматско стресно нарушување.

Неговата порака беше едноставна, но важна: насилството во домот не е приватна работа, а детето што му сведочи ги носи последиците со себе и во зрелоста.

Можеби токму тука се крие и дел од тајната на неговиот Пикард. Капетанот што веруваше дека зборот може да биде посилен од оружјето и дека секој проблем најпрво треба да се разбере го играше човек што уште од детството знаел колку чини кога силата го заменува разговорот.

Генерации гледачи растеа со модел на машкост што ретко добиваше толку простор на телевизија: мирен, образован, сочувствителен и цврст, без потреба постојано да ја докажува својата моќ. Затоа веста за смртта на Патрик Стјуарт се чувствува како збогување со многу повеќе од еден актер. Се збогуваме и со капетанот што нè потсетуваше дека вистинскиот авторитет не се мери според тоа колку гласно наредуваш, туку според тоа дали знаеш да слушаш.


„Make it so“, капетане. Овојпат, засекогаш.

е-Трн да боцка во твојот инбокс